Закани дека ќе им го откажат закупот и дека ќе мора да ги напуштат изнајмените простории во Скопје и во други градови во земјава, почнала да добива институцијата Народен правобранител, чија работа е речиси целосно блокирана бидејќи не може да се избере новиот прв човек. На 1 јануари ќе заврши повременото решение со кое заменик-правобранител Илбер Руфати беше овластен да ги потпишува финансиските сметки наместо досегашниот народен правобранител, Насер Зибери, кому мандатот му заврши во јули. Тоа ќе значи дека вработените не ќе може да земаат плати, да имаат здравствено и пензиско осигурување. Но, финансиското работење и досега чкрипело.
– Веќе три месеци не сме платиле кирии за просториите што ги користиме под кирија во Скопје и во седум други градови во земјава каде што имаме наши канцеларии. Газдите на просториите веќе притискаат да им се плати долгот, па дури спомнуваат и дека присилно ќе нè иселат. Тоа ќе биде срам за ова институција, која е основана за да ги штити слободата и права на граѓаните – ни изјавија денеска вработените во оваа институција.
Тие досега испратиле повеќе писмени предупредувања до Собранието и до другите институции во кои бараат итно да се надмине проблемот со неизборот на новиот правобранител или, пак, да се продолжи овластувањето на заменикот да може да ги потпишува сметките.
– Бараме од вас, како највисоко законодавно тело, итен избор на нов народен правобранител, но и пронаоѓање на решение како да функционираме на минимум во овие услови – се наведува во нивното обраќање до македонското Собрание пред две недели
Но, и покрај сите предупредувања, досега ништо не е променето. Собранискиот спикер, Африм Гаши, денеска оцени дека, од државен аспект, ова што се прави околу институцијата Народен правобранител е несериозно. На брифингот со новинарите, тој рече дека ќе вложи личен напор за да се надмине проблемот со неизборот на новиот народен правобранител.
–Голема е мојата загриженост поради неизборот. Несериозно е од државен аспект да една таква институција се остави без раководител. Ќе направам и личен напор да се постигне договор околу изборот на првиот човек на таа институција. Треба да најдеме договор и тука е најголема одговорност на парламентарните политички партии – рече Гаши.
Проблемот со неизборот на наследникот на Насер Зибери настана откако не може да се обезбеди големо Бадентерово мнозинство, односно гласови на 20 пратеници од немакедонските заедници. Опозициската коалиција НАИ предводена од ДУИ не се согласува со предлогот новиот Правобранител да биде Фатон Сељами, кој е поддржан од коалицијата „Вреди“. Сељами, инаку, е раководител на подрачното одделение на Министерството за правда во Тетово, во секторот за бесплатна правна помош. Тој беше предложен по спроведениот конкурс на кој се пријавија 17 кандидати. Меѓутоа, изборот се закочи откако не можеше да се задоволи Бадентеровото правило.
Од ДУИ вчера ни изјавија дека, за нив, Сељами е и натаму неприфатлив кандидат.
–Остануваме на досегашниот став со кој не го прифаќаме тој кандидат. Тој е партиски војник и потребен е друг посоодветен кандидат. А што се однесува до Бадентеровото правило, за тоа нека му мисли оној што го предлага – ни изјави Арта Зендели, партиски портпарол на ДУИ.
Фатон Сељами досега не се повлече од кандидатурата. Дилема е дали во случај на неговото повлекување би требала да се повтори и огласот за пријавување на кандидатите. Доколку се случи тоа, ќе следува ново одлагање на изборот на нов народен правобранител, а со тоа и блокада во работата и можноста институцијата да мора да се исели од закупените простории. (Б.Ѓ.)
Годинава стигнале 2.341 претставки на граѓаните
Наспроти проблемите, во канцелариите на Народниот правобранител и натаму пристигнуваат претставките на граѓаните кои сметаат дека им се нарушени слободи и правата.
– Досега имаме 2341 претставки што е слично на минатата година, иако од 12 јули сме без раководител. Значи, ние од стручната служба работиме, но зошто да бидеме жртви, и да бидеме без плата? – ни рекоа вработените.












