Американскиот претседател Доналд Трамп потврди во интервју за „Фокс њуз“, кое ќе се емитува во недела, дека ќе се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг „за околу две недели“ на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), објави агенцијата Франс-прес.
„Ќе се сретнеме за околу две недели… во Јужна Кореја, со претседателот Си“, рече Трамп, според извадоци од интервју за емисијата „Сандеј морнинг фјучерс“ на „Фокс“.
Претседателот на САД треба да пристигне во Јужна Кореја на дводневна посета на 29 октомври, додека самитот на АПЕК ќе трае до 1 ноември.
Тој се закани минатата недела дека ќе го откаже состанокот, но американскиот секретар за финансии во среда изјави дека се очекува состанокот да се одржи.
Средбата на Трамп со Си доаѓа во услови на тековните тензии меѓу Пекинг и Вашингтон, особено околу царините.
Беше договорено кревко примирје, но американскиот претседател се закани дека ќе воведе дополнителни царини од 100 проценти за кинеските производи бидејќи не беше задоволен од заострувањето на контролата на извозот на ретки минерали од страна на Кина.