Состанок на лидерите на ЕУ и Западен Балкан посветен на напорите за забрзување на спроведувањето на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан се одржува денеска во Скопје.
На состанокот присуствува комесарката за проширување Марта Кос, а покрај домаќинот, македонскиот премиер Христијан Мицкоски, во Македонија се пристигнати или ќе пристигнат и претставници од Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Косово.
Во рамки на лидерската средба ќе се одржат два панела од кои првиот ќе биде посветен на Планот за раст на Западен Балкан и на него ќе се обратат премиерот Мицкоски и еврокомесарката за проширување, по што ќе следи заедничка прес-конференција.
Вториот панел ќе биде посветен на конкретните механизми и поддршка за спроведување на Планот за раст.
Поради одржувањето на лидерската средба, овие два дена во Скопје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим во поширокото централно градско подрачје. Од Министерството за внатрешни работи апелираат до учесниците во сообраќајот да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Пред состанокот во Скопје, Европската комисија објави дека Планот за раст за Западен Балкан „нуди бенефиции за шест земји кои се подготвуваат за членство во ЕУ“, а на состанокот ќе се разговара за напредокот и ќе се разгледаат следните чекори во неговата имплементација.