СОС Детско село го одбележа 15 Мај, Денот на семејството, со новата песна „Насмевка“. Песната ја снимија познатиот македонски музичар и композитор, Игор Атанасоски-Харе, и десет македонски музички ѕвезди, како дел од проектот на СОС Детско село.
– Упатуваме особена благодарност до авторот Игор Атанасоски – Гуру Харе и до 10-мина врвни македонски музички уметници – Игор Џамбазов, Пере Нокаут, Сара Мејс, Дани Димитровска, Антонија Гиговска, Влатко Лозано, Тамара Тодевска, Мијата, Андријана Јаневска и Стефан од „Некст тајм“ – што се приклучија на нашиот повик за љубов, поддршка и заедништво и ни подарија нешто волшебно, убаво – емотивна, топла и искрена песна со наслов „Насмевка“, која ќе биде симбол на овој ден – велат од СОС Детско село.
СОС Детско село од 2001 година посветено работи на остварување на мисијата ниту едно дете да не расте само. За овие 24 години, успеа да го промени животот на повеќе од 5.000 деца и млади, овозможувајќи да растат во сигурна и грижлива семејна средина и да бидат самостојни и финансиски стабилни единки во нашето општество.