Соработниците му го вртат грбот на Таравари, кој ќе остане со него?

940

Почна да се случува напуштање во крилото на Алијанса за Албанците, чиј лидер, Арбен Таравари, неодамна најави заминување од владината коалиција. Сабри Азири, еден од блиските соработници и советник на Таравари, се спротивстави на одлуките донесени во партијата и, преку социјални мрежи, порача дека е должност да не се остават граѓаните и гласачите на милост и немилост и да се предадат во други раце.

– Народот и гласачите ни го дадоа гласот за да ги претставиме во најдобро светло, не за да ги изневериме. На последниот партиски состанок, пред највисоките партиски органи, јавно кажав: „Кој мисли да дојде со мене за заедно да продолжиме да ја водиме Алијанса за Албанците во правец за кој гласачите ни дадоа мандат, повелете да одиме напред. Кој има поинаква замисла, нека си продолжи по друг пат. Јас и таквите како мене нема да дозволиме да се делиме уште еднаш, ниту да ја предадеме Алијанса за Албанците во туѓи прегратки – објави Азири.

Претходно, Љуљзим Алити, член на Централното претседателство на АА од Куманово, јавно ја отфрли соработката на Таравари со ДУИ.

– Напуштањето на Владата заради здружување со ДУИ не е политички компромис, туку предавство на стремежите на Албанците за промени. Пазарењето за идната коалиција меѓу Алијанса на Таравари и ДУИ на Али Ахмети е јавна тајна. Соработката со ДУИ денес значи амнестија на корупцијата, легализирање на заробувањето на институциите, затворање на очите пред сиромаштијата во албанските региони и молчење пред неправдата – соопшти Алити.

Во партиските кругови и во јавноста сè уште се чека одлуката за тоа кому ќе му се придружи министерот за добро владеење, Арбен Фетаи. Тој и вчера не соопшти ништо, а индикативно беше тоа што прексиноќа не се појави заедно со лидерот Таравари на партискиот собир во Општина Липково. Сè уште не се знае и тоа како ќе се определат двајцата заменици-министри во ресорите Одбрана и Земјоделство, кои се кадри на АА.

Постојат дилеми и околу определувањето на петтемина пратеници на АА во македонското Собрание. Собранискиот спикер Африм Гаши денеска изјави дека очекува формирање нова пратеничка група во македонскиот Парламент.

– Според мои информации, ќе има нова пратеничка група, за која ќе видиме колкава бројност ќе има. Пратениците од „Вреди“ имаат нов координатор и сега пратениците што ќе се потпишат зад него, ќе бидат дел од таа пратеничка група. Ако пратениците од АА се решиле да пристапат кон друг политички пакт, тоа е нивно право – рече Гаши.

Тој денеска бил информиран за промените во составот и во раководната структура на пратеничката група на коалицијата „Вреди“. Според известувањето, пратеникот Беким Ќоку е назначен за координатор на пратеничката група на „Вреди“. Заменици-координатори се пратениците Мерита Колчи- Коџаџику и Аднан Азизи. Според тоа, сегашниот состав на пратеничката група на „Вреди“ е: Африм Гаши, Аднан Азизи, Беким Ќоку, Калтрина Беќири, Имерлије Салиу, Саранда Имери, Фериде Хаџиу, Мерита Колчи-Коџаџику и Беким Сали. Односно, има вкупно деветмина пратеници.

Гаши додаде дека до денеска не ја добил оставката на министерот Таравари, а кога ќе ја добие, ќе чека на предлогот од премиерот Христијан Мицкоски за нов кадар, по што ќе почне постапка за назначување на функцијата министер.

Наспроти ова, Фатмир Лимани, актуелен министер за социјална политика од редовите на „Вреди“, изјави дека е грешка ако се мисли дека дел од пратениците на Алијанса за Албанците би преминале во редовите на „Европскиот фронт“ на ДУИ.

– Дел од нив ќе останат со Владата. Најмалку четворица пратеници од нивните редови ќе преминат во делот на владејачкото мнозинство. Сите пратеници што мислат дека треба да им се вратиме на вредностите на семејството, да ни дадат можност овие четири години да се обидуваме да ги повратиме вредностите – потенцира тој.

И Изет Меџити, лидер на Демократското движење, кое е дел од „Вреди“, денеска рече дека има големи потреси во крилото на Таравари.

– Таму има видливи поделби. Функционерите покажуваат дека Таравари донел одлука што не кореспондира со членството на кое му е несфатливо тоа и поради тоа владее големо незадоволство. АА беше формирана како антипод на ДУИ – нагласи Меџити во текот на престојот во скопската општина Чаир. (Б. Ѓ.)

 

Меџити: Сите ресори на Алијанса остануваат кај „Вреди“

–  Сите владини и други ресори што досега ги имала Алијанса за Албанците, остануваат кај „Вреди“. За нив ние ќе дадеме најдобри кадри, а претходно ќе направиме анализа – изјави вчера Изет Меџити, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“.

 

ИЗДВОЕНИ