Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска, во својот кабинет, го прими и оствари средба со амбасадорот на Република Австрија во Македонија, Мартин Памер.
Средбата, како што информираат од Општина Кисела Вода, била посветена на размената на идеи за унапредување на соработката и на можностите за заедничко дејствување.
Градоначалникот Ѓорѓиевски го информирал амбасадорот за општите развојни насоки на Општина Кисела Вода, но и за пошироката слика од локалната самоуправа, зборувајќи од позиција на претседател на ЗЕЛС и пренесувајќи дел од искуствата и од предизвиците со кои се соочуваат општините во државава.
– Со амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, разговаравме за важноста на локалната власт како двигател на развојот. Споделивме размислувања за значењето на соработката меѓу општините и дипломатските претставништва, која може да донесе нови перспективи и поддршка во процесите на модернизација и ефикасно управување – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека го информирал амбасадорот за тековниот развоен импулс во Општина Кисела Вода, за динамичните процеси на инфраструктурна обнова, за унапредувањето на јавните услуги, инвестициите и потенцирал дека преку систематска работа, планирање и отвореност кон граѓаните, Општината постојано се менува на подобро.
– За мене, секоја соработка со напредни европски држави како Австрија е можност да учиме, да пренесуваме добри практики и да создаваме подобра иднина за сите наши граѓани. Затоа верувам дека и оваа средба претставува важен чекор кон воспоставувањето конкретна и корисна соработка, која ќе донесе реални придобивки за локалната заедница –изјави Ѓорѓиевски.