Во тек се предистражни постапки од страна на јавен обвинител од ОЈО – Скопје, поради сомненија за загадување на животната средина со отпадни материи по пожарот во Визбегово што се случи минатата недела. Вклучени се стручни лица од повеќе области и се испитуваат сомненија за евентуално кривично дело и загрозување на животната средина со отпадни материи.
– Локацијата е обезбедена, а на терен се инспектори од одделот за економски криминал на МВР. Обезбедени се снимки од видеонадзор, кои се прегледуваат и се анализираат. Увид извршија и инспекциски служби за животна средина, а во постапката се ангажираат и вешти лица од областа на екологијата. По барање на јавниот обвинител, веднаш по настанот беше активиран и тим од четата за атомско-биолошка и хемиска одбрана на АРМ, кој собра примероци и изврши мерења на токсичните материи во воздухот во Скопје, а резултатите треба да бидат доставени до Обвинителството – информираа од ОЈО-Скопје.
Исто така е прибавена и целокупната документација поврзана со работата на отпадот и дадени се насоки за да се извршат разговори со лица за да се утврди каков точно отпад бил складиран на локацијата и дали се почитувани законските прописи и дозволи за работа.
Двете лица, Маја Караманова, и Александар Николчев, кои по пожарот во близина на складиштето на АСД Метал Груп нападнаа новинарска екипа, и натаму се во притвор во постапка и за кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие. Од оваа компанија упатија јавно извинување до засегнатите лица и јавноста.
Во писменото соопштение потпишано од управителката Маја Караманова, компанијата им се извини на новинарот Авни Тахири и на снимателот Шенол Хајредин, кои биле нападнати, наведувајќи дека ситуацијата се одвивала во моменти на „голем стрес, паника и неизвесност“.
– Тоа беа моменти на силна емоција, во кои никој од нас не постапил со умисла или зла намера, но сепак можеби предизвикал чувство на навреда, загрозеност или непочитување – наведуваат во писмото.
Оттаму истакнуваат дека немале намера да попречат службено лице и постапиле инстинктивно поради страв за личната и колективната безбедност.
– Сите сме луѓе. Кога пламен е закана за живот и имот, реагираме со срце, понекогаш и без контрола – велат од компанијата, изразувајќи подготвеност да надоместат евентуална штета – било материјална, професионална или лична.
Тие им се извинија и на граѓаните кои беа вознемирени и засегнати од пожарот, а од компанијата порачуваат дека се надеваат на брза и темелна истрага од институциите, за да се утврди причината и да се спречи повторување на вакви инциденти.
(С.Бл.)