вторник, јули 14, 2026
Дома БАЛКАН Сопругата на српскиот државјанин што ќе излеташе низ прозорец на лет на...

Сопругата на српскиот државјанин што ќе излеташе низ прозорец на лет на „Рајанер“ се огласи со нови драматични детали – појасот му го спаси животот, но не и помошта од стјуардесите

902

Српскиот државјанин Љубиша Каровиќ, кој беше тешко повреден по инцидентот на летот на „Рајанер“ од Солун до Минхен, останува хоспитализиран во Универзитетската болница АХЕПА во Солун, каде што се лекува од повреди на вратот и рамената, како и изгореници од триење.

Неговата сопруга Светлана за грчкиот јавен сервис ЕРТ ги раскажа потресните детали од драмата што се одвиваше во авионот, кога, според неа, прозорецот до седиштето каде што седеше нејзиниот сопруг се скрши.

„Кога прозорецот се скрши, Љубиша беше надвор до градите и остана така речиси две минути. Јас седев позади. Девојката што седеше до него веднаш го зграпчи за рака, а ние тројцата заедно го вративме во авионот. Маските за кислород паднаа, имаше целосен хаос. Мојот сопруг се онесвести три пати. Го ставија неговиот куфер на скршениот прозорец, но силата на вшмукување веднаш го извлече“, рече таа.

Според неа, авионот бил во воздух околу 30 до 40 минути кога се слушнала силна експлозија и го скршила прозорецот до седиштето на Љубиша.

„За среќа, тој носеше сигурносен појас и тоа му го спаси животот. Се плашев дека авионот ќе се сруши. Мојот сопруг е во шок, штом ќе го чуе авионот како почнува да се тресе, а јас сум исто така во многу лоша ментална состојба и пијам  лекови за смирување“, рече Светлана, наведувајќи дека, како што тврди, екипажот не им пружил помош на патниците за време на инцидентот и дека досега никој од „Рајанер“ не ги контактирал.

Според техничкиот консултант ангажиран од семејството, причината за инцидентот најверојатно е дефект на моторот на авионот. Како што објасни експертот Христос Главопулос, дел од моторот се скршил и удрил во прозорецот, кој потоа се скршил.

„Прозорецот не паднал сам од себе, туку бил скршен од предмет што излетал од моторот. Разликата во притисокот предизвикала силно вшмукување, поради што патникот завршил на половина пат надвор од авионот“, рече Главопулос.

Адвокатот на семејството, Василис Цијарас, тврди дека истиот авион имал технички проблем еден ден претходно, кога се вратил на аеродромот кратко по полетувањето поради дефект на летот од Солун до Сараево, пренесува „Нова“.

„Засега не можеме да тврдиме дека двата инцидента се поврзани, но постои сериозно сомнение дека проблемот е поврзан со одржувањето на моторот, бидејќи оттаму сè започнало“, рече тој.

Првиот визуелен преглед на авионот ќе го извршат истражителите на Националната организација за истражување на воздухопловни и железнички несреќи (EODASAAM), заедно со Националниот комитет за безбедност во сообраќајот и технички советник ангажиран од семејството на повредениот патник, пренесе „Радио Сараево“.

ИЗДВОЕНИ