Сообраќајот на регионалниот пат Маврово – Дебар е во прекин од 18:30 часот поради извлекување на патничко моторно возило од водите на реката Радика, во близина на манастирот „Св. Јован Бигорски“.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека две лица ги загубиле животите во сообраќајната несреќа што се случи денеска попладне кога патничко возило излетало од коловозот и паднало во реката Радика во близина на Бигорскиот манастир.
Како што информираат оттаму, станува збор за возачот и негов сопатник кои биле во патничко возило „фолксваген бора“ со гостиварски регистарски ознаки, кое се движело на регионалниот пат Маврово – Дебар.
Од министерството додваат дека увидот на местото на несреќата е сè уште во тек.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК), во меѓувреме, информираа дека од 18:30 часот сообраќајот на патот Маврово – Дебар е во прекин поради извлекување на возилото од водите на реката Радика. Оттаму, исто така, потврдија дека во сообраќајната несреќа има загинати, без да прецизираат за колку лица станува збор.
Претходно од ЦУК информираа дека, сообраќајната несреќа била пријавена во 15:48 часот во дежурниот центар Е-112 Охрид.
Пријавителот во телефонски разговор со службениците во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово, рекол дека возилото се движело со поголема брзина и во еден момент изгубило контрола, почнало да се лизга на коловозот, по што се превртело и паднало во реката Радика, на локација после манастирот „Свети Јован Бигорски“.
На местото, како што информираа од ЦУК, покрај полициските екипи од Полициската станица Ростуше, биле упатени и припадници на гостиварската Територијална противпожарна едница, како и екипа на Итната медицинска помош од Ростуше.












