Почнаа градежните активности на булеварот „Македонија“, со кои се очекува да се намалат сообраќајните гужви во центарот на градот Скопје за 30 отсто. Реализацијата на овој проект ќе се одвива во четири фази, а првата се очекува да заврши за 90 дена.
– Тука сме на почеток на градежните активности на булеварот „Македонија“, нешто за што се говори години наназад, почнуваме со првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза. Верувам дека веднаш по завршување на првата фаза, ќе започнеме со реализација на втората фаза, изјави градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека, по истекот на 90 дена, ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
Тој рече дека забрзано се работи на клучката кај Момин Поток, мостот на „Љубљанска“, наредната недела ќе биде завршена тендерската постапка за завршување на булеварот „Борис Трајковски“ кон Драчево. Во финална фаза сме на супервештачењето, кое би значело пробивање на мостот „Генерал Михајло Апостолски“ во општина Гази Баба, каде како што, појасни, проблем се нерешени имотноправни односи на 30 приватни објекти.
– Наредната недела ќе дадеме извештај за финансиската состојба на град Скопје. Веќе ги стабилизиравме јавните претпријатија и градот го креваме на стабилни нозе, посочи Ѓорѓиевски.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази уверување дека овој проект, кој е големо значење за олеснување на движењето во центарот на градот, ќе биде завршен за 90 дена.












