вторник, февруари 3, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Сообраќајките ја чинат државата повеќе од 400 милиони евра годишно, повеќе од...

Сообраќајките ја чинат државата повеќе од 400 милиони евра годишно, повеќе од целиот армиски буџет

Од резултатите на истражувањето се гледа дека трошоците од сообраќајните незгоди во Македонија изнесуваат околу 3 отсто од бруто-домашниот производ, што е еднакво на околу 225 евра по глава на жител. Само колку за споредба, тоа е повеќе од буџетот предвиден за Армијата, кој изнесува 2,1 процент од БДП, наведуваат експертите во трудот објавен во списанието „Безбедност“ на МВР. Воведувањето на системот „Безбеден град“ и првичното позитивно искуство со намалување на бројот на сообраќајни незгоди и на загинати лица даваат надеж дека ќе бидат намалени ваквите годишни загуби на државата

106

Сообраќајните незгоди секоја година прескапо ја чинат Македонија, бидејќи секоја година тие и последиците што подоцна ги предизвикуваат изнесуваат и над 400 милиони евра! Ова го покажува истражувањето направено од екипа од безбедносни и сообраќајни експерти од Факултетот за безбедност во Скопје и од техничките факултети во Скопје и во Битола, а со кое биле опфатени четиригодишниот период од 2020 до 2023 година и сообраќајните незгоди што се случиле тогаш, на подрачјето на земјава. Пресметките што се направени според сите меѓународни стандарди покажале дека практично штетните последици што остануваат по сообраќајките ја чинат државата повеќе отколку сето издвојување што се прави за одбраната на земјата, односно за македонската Армија. Колку за споредба, за оваа година е предвидено армискиот буџет да изнесува 358 милиони евра, што е за 8,4 проценти повеќе од лани и со тие пари ќе се намируваат платите, функционирањето, како и модернизацијата на Армијата со набавка на нови оружја.

На тоа особено укажуваат авторите на истражувањето, Стевчо Јолакоски од Факултетот за безбедност – Скопје, Даниел Павлески од Факултетот за технички науки при Универзитетот „Мајка Тереза“ – Скопје и Верица Данчевска од Техничкиот факултет во Битола, во трудот насловен „ Социоекономските трошоци од сообраќајните незгоди во РС Македонија“, а објавен во возобновеното меѓународно научно списание „Безбедност“, во издание на МВР.

– Од резултатите на истражувањето се гледа дека трошоците од сообраќајните незгоди во Македонија изнесуваат околу 400 милиони евра или околу 3 отсто од бруто-домашниот производ, што е еднакво на околу 225 евра по глава на жител. Само колку за споредба, тоа е повеќе од буџетот предвиден за Армијата, кој изнесува 2,1 процент од БДП. Тоа практично покажува дека износот на загубени парични средства во сообраќајните незгоди е поголем од паричните средства што се инвестираат годишно за потребите на Армијата – се наведува во заклучокот на авторите.

Најскапи се последиците од загинувањето на учесниците во незгодата

Во трудот се наведени и податоци дека во тие четири години, просечно годишно имало 28.405 случаи на сообраќајни незгоди во кои осигурителните компании исплатиле обесштетувања по основ на автоодговорност, од по 34 милиони евра. Просечниот годишен број исплати по основ на каско осигурување бил 7.885 и за тоа биле исплатени по 8,4 милиони евра. Но, државата плаќа највисока цена кога се работи за загинати учесници во сообраќајни незгоди. Таа сума, наведуваат авторите, само за загинатите лица во текот на 2023 година, изнесувала дури 166 милиони евра, за повредените со тешки телесни повреди 162 милиони евра, а за оние со телесни повреди – 95 милиони евра, односно вкупно 423 милиони евра.

– Трошоците од сообраќајните незгоди опфаќаат многу сегменти: оштетување на возилата, на предметите и на стоките што биле транспортирани, на патот, објектите и опремата на патот, трошоци за брза помош, трошоци за погреб на починатите, за лекување на повредените, за боледувања, за попреченост/инвалидитет, за медицинска и професионална рехабилитација, семејни пензии или за издршка на членови на семејството на починатите лица, надоместок за претрпена физичка и психичка болка на повредените лица, надоместок за болката што ја претрпеле членовите на потесното семејство на починатите лица, губење на работниот придонес на починатите лица, трошоци поради отсуството од работа на повредените лица, трошоци поради намалената работна способност на повредените лица, трошоци за преквалификација и реновирање на домот на повредените лица во случај на инвалидитет, трошоци на судскиот систем, за извршување санкции и ресоцијализација на осудени лица, губење на транспортните перформанси на оштетените возила, изгубена добивка поради уништување или оштетување на стоката, трошоци на осигурителните компании… – објаснуваат авторите.

Тие потенцираат дека најзастапени се оние трошоци што се однесуваат на човекот – 61 отсто од вкупните трошоци за сообраќајни незгоди, а потоа следуваат трошоците за загубена продуктивност со 17 проценти, за штета на имот со 13 отсто, административните трошоци со 4 проценти и медицинските трошоци со 3 отсто. Инаку, во последните 15 години, на патиштата во Македонија гинеле во просек по 144 лица годишно. Во 2024 година, сообраќајните незгоди во Република Северна Македонија резултирале со 142 загинати и со 1.085 тешко повредени лица. Стапката на смртност во сообраќајот, изразена како број на загинати на милион жители, изнесува 78 загинати, што е значително над просекот на Европската Унија, кој изнесува 45 загинати на милион жители.

Помалку незгоди, помала цена

Воведувањето на системот „Безбеден град“ и првичното позитивно искуство со намалување на бројот на сообраќајни незгоди и на загинати лица даваат надеж дека ќе бидат намалени ваквите годишни загуби на државата. МВР вчера соопшти дека и во текот на вчерашниот ден, втор ден од започнувањето на системот, биле констатирани вкупно 651 прекршок.

– Од нив, за минување на црвено светло, констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила – 16 прекршоци. Притоа, изречени се вкупно 58 забрани за управување моторно возило – се наведува во соопштението.

Тоа е значително помалку од првичниот број од над 100.000 регистрирани прекршоци колку што забележале камерите во текот на изминатиов двомесечен пробен период. Но, дисциплинирањето на возачите и натаму ќе треба да продолжи бидејќи сè уште има многу несовесни возачи.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во прексиноќешното телевизиско интервју рече дека со новиот систем возачите нема да може да возат како досега. Ефектите од зголемената контрола веќе се видливи во статистиката и на територијата на СВР Скопје, во последните два месеци е забележан значителен пад на сообраќајните незгоди со тешки последици.

– Ако претходно на територијата на СВР Скопје сме имале 424 повредени лица, за овие два месеци имаме 288. За 32 проценти имаме намалување на повредните лица во Скопје. Во однос на загинатите, ако претходно имало 11, за овие два месеци се четири лица, што е 64 отсто помалку – информира Тошковски.

А тоа, извесно, води и кон помали трошоци што ќе ги има државата годинава, како последица од сообраќајните несреќи. (Б. Ѓ.)

Двајца возачи имаат дури 40 забрани за управување со возило

Двајца возачи во Македонија во последните четири години добиле дури 40 изречени забрани за управување со моторно возило, информира министерот Панче Тошковски. Според статистиката на МВР, за последните четири години, најголем дел од прекршителите, односно 55.405 граѓани, имаат по една изречена забрана. Со два прекршоци има 7.987 возачи, додека 1.863 возачи имаат по три правосилни пресуди за забрана за управување возило.

– Имаме 677 лица со четири забрани, 291 со пет забрани, а имаме и рекордери – двајца возачи што имаат по дури 40 изречени забрани за управување моторно возило – рече Тошковски.

 

ИЗДВОЕНИ