Сообраќаен пристап до индустриската зона во месноста Цацков Бунар во Кочани

20

Две општествено одговорни компании од Кочани обезбедија донација за ново сообраќајно поврзување на индустриската зона во месноста Цацков Бунар со постојниот алтернативен пат кон селото Тркање.

Станува збор за компаниите „Амфенол технолоџи Македонија“ и „Еко оил“.

Со договорот што двете компании неодамна го потпишаа со Општина Кочани, наскоро ќе почнат и градежните работи, со што ќе се овозможи безбеден пристап за неколку илјади вработени во стопанските субјекти кои гравитираат во овој дел на Кочани.

Компанијата „Еко оил“ ги покрива трошоците за изработка на проектната документација, а локалната самоуправа ќе учествува во експропријацијата на земјиштето, како и во пробивањето и тампонирањето на патот. Предвидено е проектот да се комплетира со асфалтирање на коловозот и да се постави јавно осветлување.

– Двете компании со својата општествена одговорност овозможуваат да се подобри патната инфраструктура, а со тоа и безбедноста во сообраќајот во селото Тркање и во неговата околина. Нивната соработка со општината е доказ дека со заедничка иницијатива умееме брзо и ефикасно да најдеме соодветно решение со кое ќе одговориме на потребите на граѓаните и ќе ги подобриме условите за живот – истакна в.д. градоначалникот Венко Крстевски.

Пред еден месец жителите на Тркање излегоа на протест и ја блокираа улицата „Мите Стојчев“ по која поминуваат автобуси и тешки товарни возила кон стопанските објекти во Цацков Бунар. Истакнаа дека им е нарушена личната безбедност и се оштетува сообраќајната инфраструктура која не е предвидена за таков сообраќај.

На претстојната седница на Советот на Општина Кочани ќе се најде и предлог за пренамена на средства во буџетот за целосна реконструкција на оштетената улицата во Тркање, со што ќе се реши децениски проблем за жителите на ова село.

ИЗДВОЕНИ