Со перформансот „Сонцето, колку е блиску сонцето“, што во режија на Дејан Пројковски вчеравечер се изведе на сцената на Македонскиот народен театар, по повод 80-годишнината од постоењето на оваа театарска институција, беа споени историјата, минатото и сегашноста. „Иднината без историја е невозможна, ги славиме двете во името на сегашноста, на овие 80 години што сме тука“, кажа режисерот Дејан Пројковски пред почетокот на претставата со највпечатливите мотиви и реплики кои се дел од македонскиот бит
Највпечатливите мотиви, сцени, драми, ликови, песни и поеми, приказни, слики, реплики кои се дел од македонскиот бит, литература, култура, идентитет… врежани во културната меморија на македонскиот народ, сценски визуелно моќно обликувани и кои будат најдлабоки емоции го означија перформансот „Сонцето, колку е блиску сонцето“, што во режија на Дејан Пројковски вчеравечер се изведе на сцената на Македонскиот народен театар, со што се одбележа 80-годишнината од постоењето на оваа театарска институција.

На сцената, актерите од речиси целиот ансамбл на Македонскиот народен театар (меѓу кои Игор Џамбазов, Весна Петрушевска, Тони Михајловски, Владо Јовановски, Снежана Коневски Руси, Александар Шехтански, Кирил Андоновски, Томе Витанов, Нино Леви, Искра Ветерова, Сенко Велинов, Дарја Ризова, Тања Кочовска, Никола Ристановски, Сашко Коцев, Звездана Ангеловска, Ѓорѓи Јолевски,..), се претставија достојно за големиот јубилеј со секвенции од претстави кои ја одбележале историјата на МНТ како „Сомнително лице“, „Госпоѓа министерка“, „Електра“…, но најдоминантни беа оние со македонски предзнак како „Црно семе“, „Диво месо“, „Бегалка“, „Македонска крвава свадба“, „Парите се отепувачка“, „Лет во место“, „Буре барут“, „Балканот не е мртов“… Перформансот беше збогатен и со сценски адаптации на поемите „Сердарот“, „Болен Дојчин“, со рецитирање на поезијата на Блаже Конески („Тешкото“), Миладиновци (Т’га за југ“)…, со анимации на илустрации од бајки од македонското народно творештво како „Силјан штркот“… со колаж од слики на познатите македонски сликари…

Познатите зборови, реплики, песни на македонските драмски автори/ писатели/ поети како Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Григор Прличев, Живко Чинго, Васил Иљовски, Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Кочо Рацин, Никола Вапцаров, Коле Неделковски, Блаже Конески, Гане Тодоровски ги будеа сеќавањата и чувствата и го потврдија богатото културно-историско наследство на нашата држава.

Првиот дел од перформансот беше посветен, пак, на доајените на МНТ, Петре Прличко, Мери Бошкова, Љупка Џундева, Ристо Шишков кои на сцената оживеаја преку нивните оригинални гласови и актери кои доследно ги имитираа. Омаж им се оддаде (преку приказ на нивните имиња) и на починатите актери, режисери и театарски дејци кои биле и остануваат легенди на сцената на Македонскиот народен театар.

Низ претставата, во околу два и пол часа, провејуваа теми кои, главно, ја одбележуваат македонската битова драма, со трагични и болни моменти за македонскиот народ, како прогонот и насилството, грабнувањата и убиствата, тажењето и оплакувањето на чедата, но и чедоморството, распадот на семејството, отуѓеноста, но и јунаштвото, борбата за слобода, стремежот за подобро утре… Неизмерната тага и загуба на најмилите, трагичните судбини на поединецот, но и колективните трауми, чувство толку актуелно и реално, сега и овде, а што го донесоа овие сцени беше засилено и со изведбата во живо на музиката на Горан Трајкоски од страна на музичарите Сашко Костов, Ана Митоска, Орхидеја Дукова и Оливер Настевски и оперските пејачи Ана и Игор Дурловски, со моќната сценографија на Валентин Светозарев и со импресивниот 3Д-Мапинг на Сергеј Светозарев.

Претставата започна со рецитирање на старословенската и на македонската азбука, како континуитет, од деца актери од драмското студио „Михалјовски“, но и со првата изговорена реплика во МНТ: Сонцето, колку е блиску сонцето! Во масовните сцени кои даваа динамичност и живост на претставата, пак, учествуваа студенти по актерска игра од Факултетот за драмски уметности и „Еуропа Прима“. Сценските движења ги осмисли Олга Панго, костимографијата ја потпиша Марија Пупучевска, а дизајнот на маски – Дарко и Елена Дуковска. Драматургијата, која вклучуваше сцени од многу дела, со помош на писателот Венко Андоновски, покрај режисерот Пројковски ја работел и Андреј Цветановски, помошник режисер на претставата.

Покрај со „Сонцето, колку е блиску сонцето“, големиот јубилеј – 80 години МНТ, се одбележа и со присуството на бројни претставници на државниот врв, но и познати личности од културниот и општествениот живот на нашата земја. Пред премиерата, Никола Кимовски, директорот на МНТ изрази голема почит до сите што вложиле огромен труд – Македонскиот народен театар да биде ваков каков што е денес. – Најважно од сѐ е што во оваа претстава се среќаваат минатото, иднината и сегашноста, рече Кимовски.

Дејан Пројковски, авторот на јубилејната сценска визија, пак, посочи дека сè почнало од корените на МНТ, од сите оние луѓе кои сите овие изминати години се грижеле, огништето на МНТ никогаш да не згасне и МНТ да биде еден важен театарски центар.
„Започнавме од нив, преку минатото, стигнавме до сегашноста и се обидовме во некои сцени да пробаме да одговориме каков ќе биде МНТ утре, во иднината. Чувството е прекрасно и мислам дека направивме претстава која е достојна и важна за сите нас во театарот. Се надевам дека тоа сонце што секогаш нè води сите нас, дека ќе го понесе секој во своето срце. Иднината без историја е невозможна, ги славиме двете во името на сегашноста, на овие 80 години што сме тука“, додаде Пројковски.
Горан Трајковски, автор на музиката, пак, истакна дека при компонирањето на музиката барал и традиција и емоција и современ звук.

За Игор Џамбазов, трета генерација на актерското семејство Прличкови, да се биде дел од јубилејот на МНТ е чест, привилегија, среќа, возбуда, одговорност, и трема. – Мојот театар слави 80 години, значи 80 години некој од нашето семејство Прличкови е вработен во театарот и тоа е една прекрасна приказна. Три генерации во еден театар. Мора да го негуваме она што го оставија нашите предци, изјави тој.
Министерот за култура Зоран Љутков, по претставата, пак, на ФБ напиша: „Емотивен омаж на сите уметници и театарски професионалци кои осум децении го градат МНТ како столб и чувар на нашата култура. МНТ е театар што се чувствува, се памети и се носи со гордост“.
А за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, изведен по повод 80 години од постоењето на Македонскиот народен театар, нè потсетува зошто оваа институција е духовна сила на нашиот идентитет и култура.
– Музичката приказна, проткаена со мотиви од делата на книжевните великани: Рацин, Чинго, Прличев, Миладиновци… го оживеа богатото и неисцрпно македонско културно наследство. По којзнае кој пат, се покажа и докажа дека имаме славен театар, уметнички дом на врвни глумци!, додаде на ФБ македонската претседателка.
Следните изведби на „Сонцето, колку е блиску сонцето“ се закажани за 15 и 16 јануари. (Н. И. Т.)
Фотограф: Кире Галевски












