Сон, знаење, иднина – Прв академски час на Европски универзитет Скопје

На Европски универзитет – Скопје беа свечено доделени дипломите на дипломираните и на магистрираните студенти и беше одржан првиот академски час за бруцошите. Од Универзитетот им посакаа успех на дипломираните и на магистрираните, како и добредојде на новите студенти, на кои им беа доделени индекси за секој од факултетите. На свечениот чин им беше дадено признание –диплома на оние што изминатите 4-5 години беа дел од најстариот приватен универзитет во земјава, и им посакаа успех во студирањето на оние што од вчера станаа академски граѓани

180

На првиот студентски ден на Европски Универзитет – Скопје, вчера се одржа свечена церемонија на која на дипломираните и на магистрираните студенти им беа доделени дипломите, а на бруцошите, традиционално, им беа поделени првите индекси. Исто така, беше доделена целосната стипендија за втор циклус студии по Здравствен менаџмент во чест на основачот на Универзитетот, проф. д-р Бојо Андрески. Стипендијата ја додели Елица Андреска, член на Управниот одбор на Европски универзитет. Наставниот кадар и вработените на Европскиот универзитет им посакаа добредојде на новите студенти и понатамошен успех во животот и во кариерата на дипломираните и на магистрираните студенти.

– Пред нас е уште една нова генерација студенти кои своето натамошно школување и надградување го доверија на најстариот приватен универзитет. Европски универзитет – Скопје е високообразовна институција која повеќе од две децении ги негува и ги развива највисоките стандарди во образованието. Во тоа ќе се уверите во текот на вашето школување на Универзитетот, беше пораката до новите студенти на Европскиот универзитет.

На дипломираните и на магистрираните од Европскиот универзитет им порачаа дека се горди на нив бидејќи покажале исклучителни вештини во текот на школувањето и им посакаа успех во понатамошната кариера.

Ректорот на Европски универзитет – Скопје, проф. д-р Биљана Андреска Богдановска, им посака добредојде и успешен почеток на новите студенти.

– Овој ден означува нов почеток за сите нас. Нашата единствена определба и заложба ќе биде што поквалитетно и поумешно да го пренесеме нашето искуство, да ви помогнеме да го проширите вашето знаење, да се заложиме да изградиме одговорни и вредни студенти и заеднички да го оствариме вашиот сон за добивање академската титула од областа за која веќе се определивте. Вашата одлука да го изберете првиот приватен универзитет, Европски универзитет, ве уверувам дека е вистинската одлука што ја направивте, затоа што вашето студирање ќе се одвива во најмодерни и современи услови, со примена на практична настава речиси од сите области, со посветена работа и заложба на нашите професори, со добивање можност да изградите и меѓународно искуство преку активно учество во Еразмус-програмата. Посебно би сакала уште еднаш да напоменам дека дипломите со кои се стекнувате не само што се признати во државата туку се признати низ целиот свет со едноставни постапки на нострификација, за што говори и нашето залагање да изучувате програми кои се современи и конкурентни на светскиот пазар, им порача ректорката Андреска-Богдановска.

На дипломираните и на магистрираните им честита и им посака успешна кариера и преку стекнатите дипломи да успеат да ја најдат посакуваната работа.

– Ви честитам за тоа што никогаш не се откажавте пред ниедна пречка и тешкотија со која се соочивте на тој пат и успеавте да дојдете до посакуваната цел. Ви посакувам да успеете да ја најдете посакуваната работа, да покажете и да докажете дека сте квалификувани во вашите професии и одговорно да ги прифатите новите предизвици. И не заборавајте и понатаму да вложувате во себе со доусовршување и дообразба на секаков можен начин. Модерните и современите времиња во кои функционираме ви овозможуваат неограничени можности за вашиот личен развој и напредок, а најважно од сè е што вие имате силни темели за сето тоа. На нашето општество му требаат млади и образовани луѓе и ви порачувам да не сонувате да заминете, туку да успеете да ги најдете среќата и задоволството тука, градејќи една посреќна и постабилна иднина за вас и за генерациите по вас, истакна ректорката на Европскиот универзитет, Андреска Богдановска, која им ги подели и првите индекси на новите студенти.

Деканите на факултетите кои функционираат во рамките на Европскиот универзитет им посакаа успешен почеток на новите студенти и успешна кариера на магистрираните и на дипломираните и им порачаа дека се нивна гордост и дека секогаш ќе бидат добредојдени на Европскиот универзитет.

На Европскиот универзитет беше одржан и првиот академски час, на кој новите студенти беа запознаени со наставниот кадар и со текот на школувањето.

(А.С.)

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ