Управа за финансиска полиција поднесе кривични пријави против двајца поранешни функционери во државната компанија М-НАВ, кои се сомничат дека со тендер наместен по мерка го оштетиле буџетот за речиси 1,5 милиони денари.
Првоосомничен е поранешниот извршен директор на Секторот за воздухопловна техника, В.К., кој според финансиската полиција, споил две неспоиви набавки – една за софтвер за управување со документи, друга за физичко и електронско архивирање. Со тоа, во 2022 година креирал тендер со услови кои, како што се наведува, биле поставени така што фаворизирале однапред позната фирма.
Втората пријавена, Б.А., тогашна раководителка на одделението за јавни набавки, наместо да го спречи сомнителниот тендер, го објавила во системот, иако знаела дека е спротивен на законот, тврдат од полицијата.
Со спорниот тендер, договорот го добила фирмата „Контего“ од Скопје, а М-НАВ – наместо квалитетно софтверско решение – останал со набавка што не одговара на вистинските потреби и притоа изгубил над 24.000 евра од буџетот.
Случајот е веќе предаден на Обвинителството во Скопје, кое треба да утврди дали има основа за покренување постапка против пријавените.