Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Институтот за јавно здравје и Центарот за јавно здравје, денеска спроведуваат вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот со храна во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Скопје.
Акцијата следи по утринското известување дека поголем број ученици се пожалиле на стомачни болки – информираат од АХВ.
-Со цел утврдување на изворот на евентуално труење со храна, кујната во училиштето е привремено затворена. Согласно Националниот протокол за постапување при сомнеж за труење со храна, ќе се спроведе епидемиолошка анкета, а ќе бидат земени мостри од инкриминирана храна, работни површини, прибор и машини за лабораториско тестирање – информираат од Агенцијата.
Од АХВ соопштуваат дека по завршување на контролата, јавноста ќе биде информирана за резултатите и изречените мерки.
Претходно Независни за Карпош објавија на својата Фејсбук страница дека во ОУ „Димо Хаџи Димов“ денеска е прогласена вонредна ситуација.
„Многу деца од пониските одделенија имаат симптоми на повраќање (околу 80 деца). Ретко се јавуваат случаи и кај ученици од повисоките одделенија, па дури и кај наставнички, стои во ФБ објавата на Независни за Карпош. Сè уште нема информација за причината – дали станува збор за вирус, труење од храна или евентуално труење од вода. Во моментов на терен се екипи од Водовод и од Санитарно-здравствени инспекции и се земаат примероци. До официјален став ќе помине време, бидејќи се чекаат резултатите од анализите. Од училиштето велат дека ќе постапат според насоките на ИЈЗ. Засега наставата е планирана да се одвива нормално. Родителите сами одлучуваат дали ќе ги пуштат децата на училиште додека се чекаат официјалните резултати, стои во нивната објава на ФБ.












