Многу греши секој оној кој ќе каже дека порано немавме музички хитови. Имавме, имавме и тоа премногу вистински песни со вистински пејачи и пејачки и од просторот на Југославија и од просторот на Македонија. Дека тоа беше едно (по)убаво, посреќно музичко-естрадно време, се уверивме и деновиве кога на Јутјуб-каналот е ставен феноменален „Концерт за две генерации“. Станува збор за носталгично-пејачка средба на мега-ѕвездите, пејачките Маја Оџаклиевска, Тереза Кесовија, Неда Украден и Габи Новак.
––
За голема среќа, а и благодарност до Бога, што сите тие сè уште се живи и здрави и сè уште активно настапуваат на музичката сцена. Можеби Маја Оџаклиевска најмалку, со оглед на тоа дека максимално му е посветена на внучето, но овие останатите поседуваат младешко-сценска енергија која со зборови не се опишува. Веројатно за цел еден нов живот! Кога ќе ги видите ќе разберете зошто песните кои ги пеат Маја, Тереза, Габи и Неда станаа и останаа евергрини….
–
Се споија заедно на исто место, во ТВ-студио, нивните златни и моќни грла, феноменални интерпретации залеани со нивната непресушна харизма. Без разлика на тоа што овие пејачки се веќе дами во пристојни години, тие го задржаа сјајот од сцената со секое свое движење, во секој кажан и отпеан збор. Затоа публиката многу ги сака(ше), им доаѓа(ше) на концерти, гласа(ше) за нив на фестивалите, им ги пее(ше) песните. Тие самите знаеја да им возврат на луѓето, без трошка ароганција.
–
Исто така и естрадните новинари им возвраќаа со љубов. Во своите пишувања ни најмалку не се стегаа да ја покажат својата одушевеност, секогаш, па и сега кога ќе се пее некоја од оние нивните незаборавни: „Пријатељи стари гдје сте“, „Моја последња и прва љубави“, „Памтим само сретне дане“, „Зора је сванула“, “Ноно, добри мој ноно“, “Вино и гитаре“, или „Многу солзи исплакав…“ Рака на срце и ние солзи исплакавме слушајќи ги овие диви, но тоа се со причина, солзи радосници!!! (Д.М.) фото:Јутјуб