Банкарскиот сектор во третиот квартал годинава работел стабилно и сигурно, со висока солвентност, подобрена ликвидност и со подобар квалитет на кредитното портфолио. Стапката на адекватност на капиталот е стабилна и изнесува 19,5%, а ликвидносната позиција зајакна со што покрива значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. Квалитетот на кредитното портфолио дополнително е подобрено, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,3%. Резултатите од стрес-тестовите укажуваат на висока отпорност на банкарскиот систем на потенцијални шокови.
Ова се вели во Извештајот на Народната банка за ризиците во банкарскиот сектор за третиот квартал од 2025 година. Се посочува дека растот на депозитите и натаму е солиден, иако е благо забавен, при што значителен придонес имаат денарските и долгорочните депозити. Кредитниот раст на нефинансиските сектори забави на квартална основа, додека годишната стапка на раст на вкупните кредити благо се зголеми и изнесува 14,9%.
И во првите девет месеци од 2025 година, банкарскиот сектор остваруваше добивка од работењето, иако таа благо се намали, но показателите за профитабилноста и натаму се на солидно ниво.
Во време кога сѐ уште постојат надворешни и домашни ризици, се очекува дека тековната поставеност на монетарната политика и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за одржување на ценовната стабилност, стабилноста на девизниот курс и на финансиската стабилност. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки за остварување на своите законски цели.












