Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, Општинската организација на Црвениот крст – Центар и Сојузот на пензионери на Општина Центар им доделија хуманитарни пакети со прехранбени производи на пензионерите со ниски примања што живеат во Општината.
Оваа акција е дел од континуираните заложби за поддршка на највозрасните граѓани и за обезбедување помош таму каде што е најпотребна.
– Наша должност е да бидеме тука за нашите сограѓани на кои им е потребна поддршка. Оваа практика на доделување помош ќе продолжи и во иднина, а соработката со Црвениот крст дополнително ќе ја зголемиме преку нови проекти и услуги, ставајќи го интересот на повозрасните граѓани на прво место – изјави Герасимовски.
Преку оваа заедничка иницијатива, Општина Центар и партнерските организации потврдуваат дека грижата за социјално ранливите категории останува приоритет, со план за уште поинтензивни активности во периодот што следува.












