Додека граѓаните со протести и блокади реагираат на загадувањето од цементарницата „Усје“, Министерството за животна средина и просторно планирање уверува дека фабриката работи во рамките на законските дозволи. Во интервју за Радио Слободна Европа, Беса Татеши од Министерството тврди дека користењето отпад како алтернативно гориво во цементарниците не само што е дозволено туку претставува и „најдобра достапна техника“ според европските стандарди.

– Користењето алтернативни горива, односно отпад што веќе не може да се рециклира, наместо конвенционалните горива во цементарниците, е најдобрата достапна техника – вели Татеши, посочувајќи дека треба да се зголемува ваквата практика за да се подобрат еколошките перформанси на индустријата.

Според неа, „Усје“, како и другите околу 40 индустриски инсталации во Скопје, поседува А-интегрирана еколошка дозвола и работи согласно со пропишаните гранични вредности.

– Извештаите од инспекциските надзори покажуваат дека нема надминување на дозволените емисии. Треба малку повеќе да се верува во тоа што го утврдуваат институциите – нагласува Татеши.

Но, токму во тоа е коренот на недовербата. Граѓаните и еколошките активисти алармираат дека мерењата на загадувањето се базираат првенствено на таканаречениот селф-мониторинг – податоци што ги доставува самата компанија до институциите. Татеши објаснува дека тоа е законска обврска на операторот, додека Инспекторатот има улога да врши контрола, најавена или ненајавена, и по потреба да зема примероци за независни анализи.

– Инспекторатот апсолутно може да земе примероци и да направи мерења во сертифицирана лабораторија, доколку постои сомнеж – вели таа, додавајќи дека новиот Закон за контрола на индустриските емисии ќе воведе и задолжителна годишна ревизија на мониторингот од независна лабораторија.

Дополнителна загриженост кај јавноста предизвикува користењето на петрол коксот како гориво што може да содржи тешки метали. Иако во континуираните извештаи се мерат прашината, азотните оксиди и сулфур диоксидот, Татеши тврди дека мора да се мерат и тешките метали согласно со дозволите и дека технологиите за нивно филтрирање веќе постојат во цементарницата.

Со истекот на А-интегрираната дозвола на „Усје“ во март, Министерството најавува дека обновувањето ќе мора строго да се темели на „најдобрите достапни техники“, кои стануваат задолжителни со новиот Закон, а не препорачливи.

Сепак, и покрај уверувањето од институциите, протестите продолжуваат. За граѓаните, разликата меѓу „извештаите на хартија“ и воздухот што го дишат секојдневно останува длабока, а довербата – кревка.

ИЗДВОЕНИ