Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, беше дел од хуманитарната акција за делење социјални пакети со храна и со хигиенски средства на 20-мина пензионери со минимална пензија, заедно со отец Оливер и со хуманитарната организација „Свети Спас“.
– Оваа акција не беше само помош за оние што најмногу имаат потреба туку и потсетник дека хуманоста е највредниот темел врз кој се гради заедништво. Особено ме исполни со радост фактот што и моите деца, сосема самоиницијативно, се приклучија и станаа дел од ова благородно дело. За мене, тоа е важен момент во нивниот раст, момент кога учат како да покажат љубов, почит и грижа за другите. Верувам дека ваквите искуства ги учат да ги носат вистинските вредности во себе и да стануваат луѓе што знаат да бидат добри, искрени и внимателни – нагласи Стаменкоска-Трајкоска.












