понеделник, февруари 16, 2026
Дома КУЛТУРА „(С)обувки“ – објавена првата македонска сликовница без зборови

„(С)обувки“ – објавена првата македонска сликовница без зборови

22

Издавачката куќа „Арс Ламина“, преку својот импринт за детска литература „Либи“, ја објави првата нема сликовница во Македонија – „(С)обувки“. Станува збор за сликовница без зборови што ја раскажува својата приказна исклучиво преку илустрации, оставајќи му целосна слобода на читателот сам да ја досоздаде.

По идеја на Оливера Ќорвезироска и со илустрации на Наталија Лукомска, оваа визуелна приказна нè води низ магична редица од обични луѓе и ликови од бајки и познати книжевни дела, кои боси чекорат кон најдобриот чевлар на светот. Таму секој ги пронаоѓа своите совршени обувки, освен девојчето од соседството, за кое остануваат чевли со високи потпетици. Но, на девојчето тие многу му се допаѓаат – ги обува и среќно излегува од приказната.

Книгата ќе биде промовирана на 20 февруари (петок), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во рамките на „Денови на литературата“.

Покрај авторката Ќорвезироска и илустраторката Лукомска, на настанот ќе учествуваат писателите: Владимир Мартиновски, Елизабета Баковска, Ермис Лафазановски и Никола Маџиров, кои ќе ја „прочитаат“ книгата на свој начин, со цел да им се помогне на децата и родителите во восприемањето на приказната. Но, поентата останува иста – приказната да ја раскажуваат децата, со поддршка од возрасните, а не писателите.

„(С)обувки“ е експеримент создаден со радост и љубопитност – обид да се направи првиот чекор кон најмладиот илустративен жанр во светот. Како и секоја нема сликовница, и оваа мечтае да биде „прочитана“, иако во неа нема ниту еден единствен збор.

Сликовниците без текст се еден од најмладите жанрови на илустрирани книги. Тие се свежи, поттикнувачки и повеќекратно обединувачки: ги надминуваат јазичните бариери (бидејќи не користат јазик и не им треба превод), ги обединуваат децата и возрасните преку заедничко „читање“ и разгледување и овозможуваат културно поврзување преку универзалниот визуелен јазик. Овие дела суптилно ги претвораат децата слушатели во деца раскажувачи: се развива говорот, се збогатува речникот, се поттикнува чувството за структура на приказната (вовед, заплет, решение и заклучок), а воедно се развива визуелната писменост и разбирањето на невербалната комуникација. Деталите стануваат клучни – преку нивното препознавање и поврзување, децата градат паралелни, самостојни приказни. Овие сликовници не нудат конечни одговори, туку отвораат простор за многу можни читања.

ИЗДВОЕНИ