СОБРАНИСКИОТ СПИКЕР ВИКЕНДОВ ЌЕ ГИ РАСПИШЕ ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ: Замрзнуваат новите инвестиции, вработувањата, вонредните исплати на плати и на пензии…

672

Забрана за започнување нови инвестиции во општините, нови вработувања во државните служби, вонредни исплати на плати, пензии и на социјална помош, употреба на државни ресурси за партиски потреби… ќе стапи на сила од денот на распишувањето на локалните избори. Собранискиот претседател, Африм Гаши, веќе најави дека денес или в сабота претпладне ќе ги распише локалните избори планирани за наесен. Гласањето за општинските совети и првиот круг за избор на градоначалници, според најавите, ќе се одржат на 19 октомври, додека вториот круг за првите луѓе на општините ќе се одржи на 2 ноември.

– Изборите ќе бидат распишани на 8 или на 9 август. Очекувам фер и демократски избори, достоинствена кампања, политичка култура, натпревар со идеи и визија и посветеност кон граѓаните – изјави Гаши.

Со ова, на сила автоматски ќе стапат и одредбите од Изборниот законик, кои бараат низа ограничувања, сè со цел да се обезбеди целосна регуларност на изборите.

– Од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори, па до завршувањето, не може да започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на објекти за општествени дејности – училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година. Не може да се врши исплаќање на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови што не се редовни месечни исплати. Не може да се започне постапка за вработување нови лица или постапка за престанок на работниот однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи – предвидува Изборниот законик.

Освен ова, ќе биде забрането и користење на државниот имот за изборна кампања или за друга политичка активност, користење противправни и анонимни извори на финансирање во текот на избори, поткупување на избирачите, како и одржување на јавни настани по повода започнувањето на изградбата или пуштање во употреба на објекти со средства од буџетот или од јавни фондови…

Според бројот на учесници, изборната администрација, вклучувајќи ги и вработените во Државната изборна комисија (ДИК), локалните избори се најголеми и најмасовни. Карактеристично за овие избори е што дијаспората нема да може да гласа, а ако некој од македонските државјани сака да го искористи своето право, ќе може да го направи тоа само доколку допатува во земјава. Веднаш по распишувањето на изборите денес или в сабота, ДИК ќе одржи јавна седница на која согласно со Изборниот законик, ќе биде објавен календарот со сите рокови за избирачките дејства, како и сите права и обврски за избирачките органи, учесниците на изборите и медиумите.

До крајот на месецов, ДИК ќе го заврши случајниот избор на членовите на избирачките одбори од редот на администрацијата, согласно со податоците од Министерството за јавна администрација. За 3.500 избирачки места треба да бидат избрани 21.000 лица од администрацијата, кои ќе бидат во избирачките одбори (ИО), кои во текот на септември ќе поминат комплетна обука за спроведување на изборите и ќе им бидат поделени прирачници. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и „Вреди“, како партии, односно коалиција со најголем број гласови на минатите избори, во септември, согласно со роковникот, треба да номинираат членови за избирачките одбори. Составот на избирачките одбори се менува бидејќи им е истечен мандатот на нивните членови.

Вкупниот буџет за одржување на локалните избори, кои ќе се одржат во 80 општини и во Градот Скопје, кој е веќе објавен, изнесува 9 милиони 760 илјади евра, од кои две третини се пари наменети за медиумите и за платено политичко рекламирање. (Б. Ѓ.)

 

 

ИЗДВОЕНИ