СОБРАНИЕТО В ПЕТОК ЌЕ ДОНЕСЕ ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ФЕР И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОРИ: Гаши: Овие избори не се да се биде или не, сонцето ќе изгрее и на 3 ноември

259

Не се согласувам дека овие локални избори се толку битни и не ни се потребни  инциденти, изјави денеска Африм Гаши, претседателот на македонското Собрание. На брифингот со новинарите, тој најави дека на претстојната собраниска седница закажана за 12 септември се очекува усвојување на предлогот на декларацијата за одржување фер, слободни и демократски избори. Зад документот стои тој, како и група пратеници. Ова ќе биде за првпат Собранието да донесе една ваква декларација за фер и демократски избори, а тоа ќе биде уште една декларација, покрај онаа што пред октомвриските избори ќе ја потпишат политичките партии во Државната изборна комисија. Според Гаши, досега само претставникот на Левица сè уште не го ставил својот потпис на понудениот документ, а сите други партии веќе го сториле тоа.

Предлагањето и најавеното усвојување уште една декларација се случува во ситуација кога се зголемуваат предизборните тензии. Ова особено се однесува на интензивната кампања, која особено се води во албанскиот политички блок, каде што се најавуваат локалните избори и како референдум на граѓаните. Ова особено се однесува на кампањата во скопската општина Чаир, но и на Тетово, Гостивар, Кичево, поради судирот меѓу опозициската коалиција предводена од ДУИ и владејачката коалиција „Вреди“ околу тоа кој ќе биде претставник на интересите на албанската етничка заедница. Одговарајќи на новинарско прашање дали, поради таквите тензии, стравува од можни инциденти, Гаши одговори дека на локалните избори не им се потребни инциденти.

– Сето она што го правиме, сега и со предложената декларација, е во насока да нема инциденти на изборите. По 34 години независност и плурализам од 1990 година, мислам дека е срам за општеството и за државата да стравуваме од изборни инциденти. Изборите се најдобар индикатор за развојот на демократијата во едно општество. Ова се локални избори и без разлика колку му се битни некому, никому не смее да му се загрози правото да ја изрази својата волја на изборите. Како Собрание, го правиме тоа што можеме и се обидуваме сите актери да го слушнат овој глас – рече Гаши.

Тој потенцира дека изборни инциденти не му се потребни никому и дека досега нема индиции дека се можни. И на последната седница на државниот Совет за безбедност не биле презентирани индиции за такво нешто.

– Не ни требаат инциденти. Не се согласувам дека се толку битни овие избори. Битни се поради локалните проблеми на граѓаните и не може секои избори да ги сведуваме на живот или смрт. Овие избори се за решавање на комуналните проблеми што ги имаат граѓаните по општините, со канализацијата, со водоводот, со чистењето на сметот, за чисти општини, развојни проекти. Нема никакви индиции дека се зборува дека се овие избори да се биде или не. Од 2 ноември, кога ќе завршат изборите, сите институции ќе работат, сонцето повторно ќе изгрее и на 3 ноември. Не можеме да ставаме знак на равенство меѓу една општина каква што е Чаир и сите други – потенцира Гаши.

Градот Скопје, скопските општини Чаир и Центар, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, но и општините какви што се Кочани, Струмица и уште некои други, се чини, уште сега се означуваат како најважни за да може да се чувствува некоја партија или коалиција како победник или, пак, како помал губитник. Важноста на изборните победи во овие општини ги засилува и стравувањата од случување изборни инциденти. Во изминативе изборни циклуси во земјава, беа забележани и тешки инциденти во кои имаше и жртви и ранети лица. Но, во последниве циклуси на парламентарни и на локални избори, инцидентите беа намалени, но нерегуларностите, сепак, беа присутни. На локалните избори во 2021 година, Државната изборна комисија, во вториот круг, особено внимание и контрола им посвети на гласачките места во Сарај и во Чаир, каде што, во првиот круг, имаше инциденти со групно гласање, купување гласови, закани кон набљудувачите, „бугарски возови“, како и други манипулации во изборниот процес. Меѓународните набљудувачи од ОБСЕ и од ОДИХР во ланскиот извештај за парламентарните избори наведоа дека тие биле „конкурентни, при што се почитуваа основните слободи“. Тие потенцираа и тоа дека „честите наводи за купување гласови во предизборниот период пред гласањето влијаеле на довербата во процесот и дека во неколку случаи избирачките одбори не се придржувале целосно до пропишаните процедури при пребројувањето на гласовите“.

Во изборната историја се забележани два тешки инцидента. Во првиот, во 2000 година, се случи првото убиство во текот на кампањата за тогашните локални избори. Тогаш се случија пукотници на повеќе изборни места, а во скопско Кондово, беа ранети три лица, од кои едно, Фатмир Јакупи, подоцна почина. Вториот смртен случај беше во текот на вонредните парламентарни избори во 2008 година, во Арачиново. Во текот на гласањето се случија пукотници, по кои настрада Насер Ајвази, а пукање и ранети лица имаше и во Чаир, во Бутел… (Б. Ѓ.)

Собранието не се мајтапело со Уставниот суд

Немало мајтапење со одлуката на Уставниот суд кога бил поднесен предлогот во Собранието независните кандидати да мораат да собираат по 0,95 проценти од запишаните избирачи откако уставните судии го укинале условот од 1 процент. Ова го кажа спикерот Гаши како одговор на новинарско прашање на вчерашниот брифинг. Неодамна, уставната судијка Ана Павловска-Данева изјави дека партиите во македонското Собрание се мајтапеле со одлуката на Уставниот суд кога предложиле таква нова одредба во Изборниот законик. Одредбата за 0,95 проценти, како и компромисниот предлог од 0,50 отсто, познато е, не беше усвоена во Собранието, поради противењето на ДУИ.

– Немало такво мајтапење. Процентот од 0,95 отсто и потоа предлогот од 0,50 отсто беа резултат на желбата да се донесе законско решение, но немаше волја кај една партија. Не се согласувам со таквата изјава на уставната судијка. Ние сме постапиле максимално сериозно и коректно во однос на Уставниот суд – одговори Гаши на новинарската забелешка дали намалувањето од 0,05 отсто не е изигрување на барањето на уставните судии.

ИЗДВОЕНИ