Собранието ја констатира оставката на Татјана Димитровска

150

Собранието  ја констатира оставката на претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, поднесена во петокот на 25 јули, откако Обвинителството за гонење организиран криминал и поднесе обвинение за две кривични дела и тоа за оддавање службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ, обвинет во „Адитив“, и за компјутерски фалсификат затоа што ревизор од ДЗР во нејзино име и го положил тестот за сертификат за државна тајна. Димитровска во оставката се повикува на чл. 14 од Законот за спречување на корупција без друго образложение.

Во рок од десет дена, а според најавите веднаш по констатирање на оставката на собраниска седница,  треба да се состане  Комисија за прашања на изборите и именувања и да донесе одлука за распишување на јавен оглас за избор на претседател и нов член на Антикорупциската комисија. Имајќи го предвид најавеното распишување на локалните избори за 8 август, претседателот на комисијата Ѓорѓија  Сајкоски за МИА изјавил дека од една страна треба да се почитуваат сите законски одредби, но од друга страна ДКСК треба да има претседател поради престојните локални избори и оти затоа ќе бидат консултирани сите потребни чинители. Како што кажа, ќе биде побарано мислење од самата Државна комисија за спречување на корупцијата, но и од Уставниот суд. На членовите на Комисијата за прашања на изборите и именувања им е најавено дека за да се заврши се поскоро ќе бидат повикувани и за време на планираниот одмор за пратениците од 1 до 15 август.

Собранието го објавува огласот во „Службен весник“ и во најмалку три дневни весници. Рокот за пријавување на кандидати за огласот е десет дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник на Република Македонија“.

Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието во рок од десет дена од објавувањето на огласот формира Комисија за селекција на кандидати за претседател и за членови на ДКСК. Таа ги проверува документите и ги селектира кандидатите, и во рок од пет дена од објавувањето на листата , се организира интервју на кандидатите кои ги исполнуваат условите по закон кое се емитува на Собранискиот канал. Во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто, Комисијата за селекција утврдува ранг-листа на кандидатите согласно со утврдените критериуми и ја доставува на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, која во рок од два дена, најдобро рангираните кандидати му ги предлага на Собранието во единствена предлог листа за претседател и членови на ДКСК, со образложение за секој од предложените кандидати.  По обвинувањата за Димитровска најнапред во случајот „Адитив“, ДКСК продолжи да одржува седници и да работи, а со неа претседава заменик претседателката Билјана Каракашова Шулев.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата исто така треба да избере и нов народен правобранител, за што до саботата се пристигнати 12 кандидатури, а се чекаат и тие пратени по пошта.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ