СОБРАНИЕТО ГИ ИЗГЛАСА НОВИТЕ ЗАОСТРЕНИ ПРАВИЛА: Претседателката на потег да го комплетира Судскиот совет со истакнати правници

Со новото решение, терминот „истакнат правник“ овозможува кандидирање дипломирани правници со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит или универзитетски професори по право со најмалку седум години работно искуство во наставно-научно звање

66

Се отвора патот за долгоочекуваното комплетирање на 15-члениот Судски совет со избор на тројца нови членови, чии позиции сега се испразнети откако Собранието, денеска, го донесе новиот Закон за Судски совет, кој има заострени правила. По крајот на расправата, пратениците со 73 гласа „за“ и еден воздржан ги поддржа новите законски решенија, кои треба да ја надоместат досегашната правна недореченост, која беше извор и на скандалозни случувања во овој важен орган.

– Овој закон ја поставува основата за силен, независен и транспарентен Судски совет, со цел да ја зајакнеме довербата на граѓаните во судството – информира Министерството за правда, набројувајќи ги новините во новиот закон, кои, како што велат, се во согласност со препораките на ЕУ.

Според Министерството, клучните новини се: јавност во постапката за разрешување на претседателот на Советот; прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“; јавна расправа при изборот на кандидати за несудски членови за поголема транспарентност; зајакнување на критериумите за избор; одговорност и разрешување на членови од редот на судиите; јасни правила за дисциплинска одговорност на судиите и на членовите на Советот; обврска за образложени одлуки при избор и утврдување одговорност на судиите…

Со новото решение, терминот „истакнат правник“ овозможува кандидирање дипломирани правници со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит или универзитетски професори по право со најмалку седум години работно искуство во наставно-научно звање. Од кандидатот за член на СС сега се бара и да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Советот, за што приложува најмалку три препораки од универзитетски професори по право, адвокати, поранешни или сегашни судии на Уставниот суд или на меѓународни судови, или лица/е а со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит, од кои две од лица што ѝ припаѓаат на истата правна професија.

По усвојувањето на новите законски решенија, сега на потег ќе биде претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, која треба да предложи двајца членови во Судскиот совет. Таа досега не предложи замена за Весна Дамева и за Миљазим Мустафа, на кои им истекоа мандатите, со образложение дека чека на усвојувањето на новиот закон за да ги примени новите критериуми.

Собраниската комисија за избори и именувања, на почетокот од месецов, за нов член на СС го предложи правникот од Тетово, Аљбин Кадриу, откако претходно беше објавен оглас. Тој треба да го замени досегашниот член, Селим Адеми. Одлуката на собраниската Комисија повлече дилеми во јавноста дали требаше да се чека на донесувањето на новиот закон за да потоа се заврши постапката. Но, во новото законско решение е наведена одредба со која „започнатите постапки за член на Советот, до денот на влегувањето во сила на овој закон, ќе завршат согласно со одредбите од Законот за Судски совет од 2019 година“. Тоа ќе значи дека за изборот на Кадриу ќе бидат решавачки претходните критериуми, кои не содржат прецизирање на тоа што се подразбира под терминот „истакнат правник“.

На средината од јануари ќе заврши мандатот на уште еден член на Судскиот совет – Ханиф Зендели, чиј заменик треба да биде избран од редот на судиите. Ова тело, инаку, има 15-мина членови, од кои по функција се министерот за правда и претседателот на Врховниот суд. Осуммина членови се избираат по пат на конкурс од страна на активните судии во земјава, тројца од страна на Собранието и двајца по предлог од претседателот на државата. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ