Во рамките на тековната акција за отстранување кабаст отпад и еколошки ризични материјали, од територијата на Општина Ѓорче Петров веќе се собрани и безбедно транспортирани над 130 кубни метри кабаст отпад и повеќе од 700 стари гуми.
– Отпадот е депониран на соодветна локација – депонијата „Дрисла“, во согласност со еколошките стандарди. Акцијата опфати повеќе локации, вклучувајќи јавни површини, улици, паркови и диви депонии. Целта е да се елиминираат изворите на загадување и да се унапреди квалитетот на животната средина за жителите на Општината – соопштија од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека оваа операција е резултат на добро планирање, навремена организација, ефикасна координација меѓу надлежните служби и активно учество и соработка со граѓаните.
Од Општина Ѓорче Петров ги повикуваат сите жители да продолжат со одговорното постапување кон отпадот и со зачувувањето на јавниот простор.
Граѓаните сè уште имаат можност да го остават кабастиот отпад на означените локации. Акцијата трае до 21 мај.