Во слава на еден од најзначајните и најпознати современи македонски поетин Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање, вечерва (19 септември) во кафе-книжарницата „Буква“ од 20 ч. ќе се претстави книгата со неговата собрана поезија со наслов „Совршен поет“ во издание на „Или-или“. Уредничката на ова издание, Елизабета Баковска, во поговорот на книгата вели:
„Препрочитувањето на поезијата на Игор за мене беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства кои некако го менуваат човека. Читањето на овој обемен корпус стихови што се мрачни, љубовни, еротски, безобразни, сурови, цинични, алкохолизирани, повторливи, баладни, епски, сатирични, филозофски, осамени, гневни, возбудливи, бунтовни, помирливи, животворни, смртоповикувачки, разурнувачки, бесни, смирувачки… но никако невпечатливи, рамнолиниски и занемарливи, беше едно повторно, длабоко медитативно соочување со она што за (во и од) Игор беше поезијата: „чувствено продирање низ суштината“.
Елизабета Шелева, пак, истакна: „Никојпат не знаеме која песна ќе (ни) биде последна, заветна – и која песна (или книга) ќе ја втисне неизбежната есхатолошка точка на нечие творештво и, уште поважно, живот. Кога станува збор за близок и драгоцен човек, одличен и посветен поет, бескомпромисен и огнен маж, граматиката одеднаш станува мошне сурова дисциплина. Како (одеднаш) да се говори за некого во минато време, како веќе еднаш да бил и никојпат повеќе нема да биде? Ова (студено граматичко време) особено паѓа тешко, кога тој исклучителен и редок човек заминал ненадејно, во својата полна животна и, уште повеќе, творечка сила, кога немал ниту едно бело влакно во бујната долга коса, ниту еден траг од толку блиската конечност…“
Фотографиите во книгата се на Сашо Димоски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а графичкото уредување на Светлана Кочовска-Стевовиќ.