недела, февруари 8, 2026
Дома СКОПСКА Собран еден тон текстилен отпад во Кисела Вода

Собран еден тон текстилен отпад во Кисела Вода

14

Собран е еден тон текстилен отпад за само еден месец од поставувањето на првите контејнери за текстилен отпад на територијата на Општина Кисела Вода. Според податоците добиени од лиценцираната компанија „Екотекс  груп“ ДОО Скопје, најголема количина е собрана од контејнерот поставен во населбата Расадник, што укажува на голем интерес и активна вклученост на граѓаните во процесот на селектирање и правилно фрлање на текстилниот отпад.

– Во моментов се поставени 15 контејнери на различни локации пред месните заедници, а паралелно се изработуваат уште 15 нови, кои ќе бидат поставени во следната фаза, пред основните училишта и детските градинки. Со тоа, вкупниот број ќе достигне 30 контејнери, а иницијативата ќе добие силна едукативна компонента, насочена кон најмладите – соопштија од Општина Кисела Вода.

Оттаму додаваат дека ова е првпат како што се воспоставува ваков систем за собирање текстилен отпад во оваа општина, преку договорот што беше потпишан меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и Фаик Мифтари, управител на компанијата „Екотекс груп“ ДОО Скопје.

Притоа наведуваат дека со воспоставената соработка се создава одржлив и јасно дефиниран систем за собирање, селектирање и рециклирање на текстилниот отпад, во согласност со важечкото законодавство и највисоките еколошки стандарди.

– Со поставувањето на контејнерите за текстилен отпад, правиме уште еден суштински исчекор кон современо, одговорно и одржливо управување со отпадот. Фактот што за само еден месец е собран еден тон текстилен отпад покажува дека граѓаните ја препознаваат важноста на оваа иницијатива. Ова партнерство не претставува само техничко решение туку и вложување во едукацијата, свеста и иднината на нашата заедница. Преку ваквите проекти испраќаме јасна порака дека заштитата на животната средина е заедничка обврска и трајна вредност – изјави градоначалничката Стаменкоска-Трајкоска.

 

 

ИЗДВОЕНИ