Студентите на Градежниот факултет во Скопје добија просторија каде што ќе се запознаваат со најновите технологии, иновации и трендови во градежната индустрија, што ќе придонесе за нивна подобра подготвеност за професионалните предизвици. Станува збор за нов едукативен и истражувачки центар кој е сместен во просториите на факултетот, а е донација на скопската цементарница ТИТАН Усје, во рамки на проектот „Знаење + ЦО₂ -“ – со знаење и иновативност до помалку ЦО2.

– Соработката со ТИТАН Усје има особено значење за квалитетот на образовниот процес. Новиот центар ќе овозможи студентите да се запознаат со најновите технологии, иновации и трендови во градежната индустрија, што ќе придонесе за нивна подобра подготвеност за професионалните предизвици – нагласи деканот на Градежниот факултет, проф. д-р Јосиф Јосифовски.

Главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николау, посочи дека соработка е дел од  долгорочна определба на компанијата за обезбедување ефективна поддршката на академската заедница.

-Во време на брзи технолошки промени и процеси на декарбонизација, партнерството помеѓу бизнис  секторот и универзитетите не е избор, туку неопходност. Преку проектот „Знаење + ЦО₂ –“ сакаме нашите знаења, искуства и иновации да бидат дел од академскиот процес и активно да придонесат за развој на млади, квалитетни кадри и за поодржлива иднина – истакна Николау.

Министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, потенцираше дека ваквите проекти се целосно усогласени со политиките на Владата и Министерството во областа на образованието, науката и одржливиот развој.

– Подигнувањето на квалитетот на високото образование и создавањето подобри можности за младите се меѓу нашите врвни приоритети. Соработката меѓу универзитетите и општествено одговорните компании е важен предуслов за задржување на младите во земјата и за создавање современ образовен систем и одржлива иднина – истакна министерката Јаневска.

По официјалниот дел, присутните имаа можност да го посетат новиот центар и да се запознаат со неговата намена и можностите што ги нуди за студентите и наставниот кадар.

Проектот „Знаење + ЦО₂ –“, во чии рамки се реализира и оваа соработка,  е заедничка иницијатива на ТИТАН Усје и Градежниот факултет при УКИМ, насочена кон унапредување на едукацијата, истражувањето и подигнувањето на свеста за одржлив развој и декарбонизација во градежната индустрија. Проектот се реализира преку три главни модули: Едукативен модул; Модул за истражување и развој; и Модул за подигнување на свеста, вклучувајќи младински натпревари, изложби и други активности.

Како пионер во примена на принципите на кружната економија, ТИТАН Усје континуирано инвестира во дигитализација, иновативни технологии, еколошки типови цемент и обновливи извори на енергија, со јасна цел – намалување на јаглеродниот отпечаток и создавање одржлива иднина за градежниот сектор. Во последните пет години, компанијата инвестираше повеќе од 6 милиони евра во дигитализација, решенија базирани на вештачка интелигенција, иновативни технологии и одржливи практики, вклучувајќи и еколошки типови цемент и обновливи извори на енергија, како што се соларната енергија и алтернативните горива. Инвестициите во овие области ќе продолжат и планирано е во следните три години да се инвестираат дополнителни 20 милиони евра.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ