Земјите од Западен Балкан ја зајакнуваат регионалната координација за усогласување со Европскиот зелен договор. На министерскиот состанок за Зелената агенда што се одржа во Дубровник, на кој учествуваше и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, се направија процени за напредокот на Зелената агенда за регионот со цел да се утврдат конкретни мерки за следната фаза од нејзината имплементација.
Во своето обраќање, Лашкоска нагласи дека нашата држава ја гледа зелената трансформација како процес кој влијае директно врз квалитетот на животот на граѓаните. Таа истакна дека државата, во рамки на своите финансиски капацитети, континуирано вложува во чист воздух, во заштита на реките и на шумите, во управување со отпадот и во едукацијата на младите, како клучни активности кои овозможуваат реално подобрување на животната средина.
Министерството за животна средина и просторно планирање, според нејзините зборови, не само што ги усогласува своите политики со европските стандарди туку и активно учествува во регионалната соработка со цел воспоставување на практични и ефективни решенија за заштита на природата.
Дискусиите, исто така, се фокусираа на финансирањето и на инвестициските потреби за забрзување на овие процеси, со цел земјите од Западен Балкан да можат да ги реализираат своите проекти за одржлива енергија, инфраструктура и зачувување на природните ресурси.
Лашкоска подвлече дека успешната имплементација на Зелената агенда зависи од активно вклучување на граѓаните, особено младите, преку едукација и практични акции за заштита на животната средина. Таа истакна дека овие иницијативи не само што го подобруваат квалитетот на животот туку и создаваат култура на одговорност кон природата и кон идните генерации.
– Нашата држава останува посветена на создавање одржлива и чиста животна средина. Нашата работа се темели на конкретни политики, регионална соработка и на активно вклучување на граѓаните, со цел забрзан, но одржлив економски развој и заштита на биодиверзитетот и на природата за идните генерации – рече Лашкоска.
Настанот во Дубровник, покрај размена на искуства и стратегии за регионално справување со пластичниот отпад и климатските промени, ја потврди и посветеноста на нашата држава и на целиот регион, да работат заедно на конкретни мерки и проекти кои обезбедуваат зелена и одржлива иднина.