Од ЈП „ Лајка“ посочуваат дека проблемот со бездомните кучиња е комплексен и мултисекторски и дека решението не лежи во едно претпријатие или една институција, туку бара здружен напор на локалната и централната власт, институции, образовниот сектор и пошироката јавност.
Оттаму сметаат дека Агенцијата за храна и ветеринарство има клучна улога во контролата на изворот на проблемот – односно неодговорното сопствеништво, неконтролираното одгледување и продажба на кучиња, а Министерството за внатрешни работи има надлежности поврзани со надзор и санкционирање на несовесните сопственици, додека општините, имаат обврски и механизми кои досега не ги искористиле.
Тие посочуваат дека конкретно, во општина Кисела Вода, која има склучено договор со „Лајка“,има обврска да уплатува 2 милиони денари годишно за заловување и хуман третман на бездомни кучиња.
– Но, од основањето на „Лајка“ во 2021 година, има исплатено вкупно само 1,4 милиони денари со што должи 5,6 м илиони денари што ја прави најголем должник од сите општини во градот Скопје. Податоците од мониторингот покажуваат дека 71,48% од популацијата на улични кучиња во Кисела Вода има поминато хуман третман од кои 142 кучиња се успешно вдомени или 25% од заловените се трајно тргнати од улиците на општината – што е показател за доследна и посветена работа и покрај тоа што општината 3,5 години не ги подмирува своите договорни обврски према ЈП „Лајка“ – нагласуваат од ЈП „Лајка“ и посочуваат дека постапуваат по сите пријави од граѓаните, организира таргетирани заловувања во сите општини и работи на подигнување на јавната свест преку кампањи, медиумска застапеност и едукации во училишта и градинки.
Од ЈП „Лајка“ велат дека можат да ја контролираат популацијата откако кучињата веќе се бездомни, но не може да спречат создавање на нови бездомни кучиња – за што одговорноста е пред сè на локалната самоуправа и државните институции.
– Во последните години, со силна поддршка од граѓаните, јавни личности, компании и дипломатски претставништва, „Лајка“ се етаблираше како позитивен пример за претпријатие кое работи со максимална одговорност, транспарентност и хуманост – кон кучињата, но и кон граѓаните. Тоа не се постигнува со празни изјави, туку со конкретна работа на терен – што секојдневно го покажуваме и за што зборуваат годишните извештаи на претпријатието – истакнуваат од ЈП „Лајка“.