Со закани наплаќаат за влез на локалитетот Камени Кукли

139

Општина Кратово информира дека лица од Здружението „Извор“ од Кратово ја узурпираат, присвојуваат и неосновано ја користат дрвената куќичка на локалитетот Камени Кукли во селото Куклица, кој е прогласен за споменик на културата. Оттаму објаснуваат дека овие лица ја користат куќарката и присилно им наплаќаат влезници на посетителите, а на оние што не сакаат да платат, дрско и недолично им се закануваат, па и со куче шарпланинец, со што ја загрозуваат безбедноста на посетителите и на граѓаните.

– Тие вршат неосновано и бесправно управување со просторот и користење на определени права на стопанисување без основ и без согласност на ниту една надлежна институција, како и на Општина Кратово – соопштија од локалната самоуправа.

Од Општина Кратово велат дека презеле чекори за заштита на имотот и спречување на злоупотребата од овие несовесни лица, односно е поднесена кривичната пријава до Основното јавно обвинителство, како и тужба пред надлежен суд за предавање во владение заедно со сите обезбедени наводи, докази и вештачења.

Оттаму апелираат и им укажуваат на сите граѓани, посетители и на целата јавност дека влезот на споменикот на културата Камени Кукли во селото Куклица не се наплаќа, тој е слободен и секое друго дејство во насока на манипулација и неосновано барање пари, тортура и слично да се пријави во МВР, УЈП, Пазарниот и Трудовиот инспекторат.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ