– Седумдесет и девет години организирано дејствување на писателите, пред сè во заедничката насока на промоција на нашите книжевност и култура, е здружена потврда на писателската професија како еден од најстарите и најважни столбови на кои се крепи поимањето на она што отсекогаш го сметам за култура и цивилизација. Ова се безмалку осум децении континуиран стремеж да се биде рамноправен дел од светот, да се сведочи сопствената книжевност и сопствената култура, со сета нејзина поливалентност и богатство од различности – кажа претседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, на денешното доделување на традиционалните годишни награди на оваа писателска асоцијација
Со врачување на традиционалните годишни награди „Стале Попов“, „Ацо Шопов“, „Ванчо Николески“, „Димитар Митрев“ и „Мост“, денес, во присуство на истакнати македонски писатели, поети, прозаисти, драматурзи, книжевни теоретичари, преведувачи, како и гости од културната сфера на нашата земја, се одбележа 79-годишнината од основањето на Друштвото на писателите на Македонија.
Наградите што го носат името и го негуваат споменот на некои од втемелувачите на македонската книжевност и на македонската култура, „Стале Попов“, „Ацо Шопов“, „Ванчо Николески“, „Димитар Митрев“, како и „Мост“, која го слави заедништвото на различните јазици и култури во Македонија, годинава ги добија Оливера Ќорвезироска, Бранко Цветкоски, Хана Корнети, Елизабета Шелева и Ахмет Селмани.
На свечениот настан, пред врачувањето на наградите на лауреатите, се обрати претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, кој им го честиташе на присутните 79. роденден на писателската асоцијација.
– Оваа бројка воопшто не е мала и треба да ја гледаме со должна почит. Зборуваме за 79 години организирано дејствување на писателите, пред сè во заедничката насока на промоција на нашите книжевност и култура. Ова е здружена потврда на писателската професија како еден од најстарите и најважни столбови на кои се крепи поимањето на она што отсекогаш го сметам за култура и цивилизација. Ова се безмалку осум децении континуиран стремеж да се биде рамноправен дел од светот, да се сведочи сопствената книжевност и сопствената култура, со сета нејзина поливалентност и богатство од различности. Нашето друштво на писатели во минатото имало славни моменти, но и тешки денови, како и периоди на невидливост. Но, најважно е тоа дека секогаш преовладувала некаква верба во заедништвото – рече Грозданоски.
Додаде и дека, заедно со претседателите на Друштвото на филмски работници и на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, оствариле средба со министерот за култура, Зоран Љутков.
– Ќе работиме активно нашите три друштва да добиваат годишни грантови или друга финансиска поддршка за институционалното работење. Тоа е нешто што драматично би го подобрило функционирањето на ДПМ – истакна Грозданоски.
Воедно, им оддаде почит на членовите што од изминатата година не се веќе меѓу нас, дел од нив носечки столбови на македонскиот книжевен 20 век, како Бистрица Миркуловска, Михаил Ренџов, Оливера Николова, Наум Бајо, Наум Попески, Благој Самоников, Цане Андреевски, Славица Гаџова-Свидерска, Георги Сталев Поповски, Тихомир Јанчовски.
Посочи и дека денес ДПМ има 171 активен член, 10-мина нови во последните две години, потоа средена правна регулатива по која работи, активно членство во европскиот писателски совет, како и активност и промоција на творештвото на членовите на социјалните медиуми.
– Друштвото е живо и активно се движи кон големиот јубилеј – 80 години од основањето, кој ќе се одбележи следната година – истакна Грозданоски.

Како што изјави писателката Оливера Ќорвезироска, која за „Три Марии“ ја доби наградата за најдобро прозно дело – „Стале Попов“, почестена е што романот ја доби оваа важна еснафска награда.
– Таа го носи името на нашиот класик Стале Попов, се разбира дека сум радосна. Наградите не се ниту поводот, ниту причината, ниту, пак, целта на нашето пишување, но бездруго придонесуваат за видливоста на нашите книги и затоа се и многу важни. Мојата раскажувачка поетика, уште од почетокот, од младоста, беше дека ништо не почнува со нас, дека секоја книжевност, секоја генерација продолжува таму каде што запреле претходниците. Јас длабоко верувам во континуитетот на националната книжевност, кој го има природно или кој мора да го одржува. Така што тоа што постојано го зборував како поетика во мојата раскажувачка проза сега се обидов во овој роман, „Три Марии“, да го покажам во наративна смисла. Така како што јас сметам дека се однесувам со Славко Јаневски во мојот најнов роман, всушност, тоа е тоа што сметам дека националната книжевност од една генерација треба да се однесува со генерациите што биле претходници – рече Ќорвезироска.

За поетот Бранко Цветкоски, добитник на наградата за најдобра поетска збирка „Ацо Шопов“ за збирката песни „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“, Шопов е еден од темелниците на ДПМ.
– Во книжевно-историска смисла, Ацо Шопов е еден од најзаслужните што модернизмот во македонската поезија се изгради врз основите и врз пластовите на македонскиот јазик. Тој е навистина од првата генерација, најпрвиот што го употреби најголемото азно од македонскиот јазик за да ја создаде неговата модерна лирика. Во таа смисла е навистина чест да се добие оваа награда – рече Цветкоски.
Додаде дека него го врзуваат убави спомени со животот на Ацо Шопов.
– Сум пишувал за неговите книги, а знам дека кога ја објави тој „Небиднина“, рече дека овој чуден наслов ќе нè чуди со години бидејќи тоа укажува на нешто невозможно. Мојата книга „Вообразби“, исто така, е нешто што човек на прв поглед ќе си рече дека е нешто што не се остварува, но зад тоа се кријат многу години трпелива работа и јас сум навистина задоволен и почестен со оваа награда и мислам дека со Ацо Шопов, на некој начин, упатуваме и порака дека небиднината е секој ден, ние ја живееме, само замислуваме дека животот е вечен – истакна тој.

За книгата „Илина и тајните на Бабин Заб“, Хана Корнети ја доби наградата за најдобра книга за деца и млади – „Ванчо Николески“.
Истакна дека е голема чест да се добие награда наречена по писател со кого растеле генерации деца.
– Многу сум им благодарна на Гроздановски, на ДПМ, на комисијата, на кои им се допаднала мојата книга и многу значи да почувствуваш дека нешто што си направил е признаено, дека е нешто вредно. Но, сепак, треба да се потсетиме дека наградите се, сепак, субјективна работа и зависа,т меѓу другото, од вкусот на жири-комисиите. За уметниците, наградите се, сепак, обележја, а не цели низ патот, затоа најважно е да уживаме во процесот, да се создава доза самокритика, да се изоструваме во занаетот и, секако, да пишуваме книги што сакаме да ги читаме. „Илина и шумските тролови“ беше прв дел, „Тајните на бабин заб“, која е наградена, е вториот дел од предвидената трилогија и тоа се книги што јас би сакала да ги читам како дете, затоа што се забавни, хумористични, имаат магија и обичен свет, како и комплексни теми како што се пријателството, емпатијата, разводот на родителите, губењето близок човек – истакна Корнети.
Таа посочи и на проблемот со кој се соочуваме денес, со новите генерации.
– Имало истражување дека генерацијата зет е првата од 1800-тата година откога започнало да се мери, а која е помалку интелигентна од претходната. Ова делумно се должи на фактот дека дигиталните уреди им се достапни на децата од пред да знаат да зборуваат и секако дека им се намалуваат и концентрацијата и капацитетот да размислуваат, анализираат и да фантазираат, меѓу другото, и затоа апелирам да ги охрабрувате децата да читаат затоа што така ќе развиваат фантазија, осет за себе и ќе видат дека магијата единствено вистински постои во книгите – апелираше Корнети.

Како што истакна литературната критичарка, теоретичарка и универзитетска професорка Елизабета Шелева, која е лауреатка на наградата за критика и есеј „Димитар Митрев“, за книгата „Книжевни созвучја и огледала“, ова е единствена награда што се доделува за книжевна критика во нашата средина, во нашата култура.
– И дотолку повеќе е значајна што е поврзана со името на родоначалникот на една жестока и темпераментна и понекојпат исклучива позиција во книжевната критика, а тоа е Димитар Митрев. Можам да забележам нешто што ми падна в очи, од 2016 наваму се гледа одек на критичарки, односно засилено присуство и награди, заслужени признанија, што ги добиваат жените кај нас што се занимаваат со критика. Ова го нагласувам, бидејќи критиката е не само компетенција знаење, начитаност, елоквентност, туку е и една етика. Значи, бара да се оформи, но да се задржат и интегритетот, ставот, односот кон новите автори, новите струења, кон некои обиди за постигнување компромис, кои многу често одат на штета на вистинските естетски вредности, а повеќе на некаков вид атер, кој јас го осудив во мојот воведен текст во книгата, бидејќи реков дека не може да се направи квалитетна книжевна критика од атер. Поради тоа, критиката треба да го добие повторно она место што мислам дека во последно време како да ѝ е одземено во јавниот простор. Значи, место на едно исчитување што е и стручно и насочено, меѓутоа и бескомпромисно. Тоа е многу важно – истакна Шелева.

Наградата „Мост“ за книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во Македонија, ја доби Ахмет Селмани за поетската книга „Инфинитивна поука“.
– Особено задоволство ми е што ја добив наградата „Мост“. Оваа награда ми дојде како убава метафора. Навикнат цел живот на метафори, и овој мост ми доаѓа како метафора не само во смисла на поврзување на еден брег со друг туку и како кохезија, како место за средби. Особено задоволство ми е што со оваа книга „Инфинитивна поука“ успеав да претворам една граматичка форма како е инфинитивот во поетски мотив, создавајќи еден нов дискурс во инфинитив, зборувајќи за сите проблеми и преокупации на човекот во времето и просторот. Затоа особено задоволство ми е што токму за оваа книга добив награда – изјави Селмани.
Годинава, на конкурсите за годишните награди се пријавија 53 книги, за „Стале Попов“ – 17 дела, „Ацо Шопов“ – 18 збирки песни, „Ванчо Николески“ – 13, „Димитар Митрев“ – 4 дела, како и за поангажираната „Мост“ – 3, две на албански и една на хрватски јазик.
(Н.И.Т – Д.Т.)












