Со видеоврска Германија проверува дали се живи странците постари од 100 години на кои им дава пензија

33

Германија воведе дигитално докажување на животот преку видео за да се подобри надзорот над пензионерите постари од 100 години, на кои им дава пензија, а живеат надвор од државата. Примателите на германска пензија од оваа возрасна група се под лупа на државата и ако не ги почитуваат правилата за докажување дека се живи, може да им се укине пензијата.

Моментално, Германија исплаќа вкупно 1.703.282 пензии во странство. Се претпоставува дека од нив, вкупно 4.306 им се исплаќаат на луѓе што се постари од 100 години. Тој број се проверува, зашто е дури трипати поголем од оној на стогодишните пензионери што живеат во Германија, објавуваат германските медиуми. Или, во Германија само 0,086 проценти од пензиите одат кај приматели што имаат повеќе од 100 години, додека кај пензионерите на таа возраст што живеат во странство, границата се надминува за 0,25 проценти.

Според германската Влада, повеќето од овие стогодишници живеат во САД, Израел, Канада и во Италија.

Проблемот со одливот на пари од пензиската каса кај луѓе што, можеби, веќе не се живи се отвори и во Бундестагот.

– Многу е индикативно кога илјадници луѓе за кои се претпоставува дека имаат над 100 години добиваат пензии – рече еден пратеник, кој бара одговор дали се сè уште во добра состојба овие пензионери или долго време се исплаќале средства на починати.

Министерството за труд и социјални работи го отфрла ова сомневање. Портпаролот објаснува колку се ригорозни проверките. Се врши споредба со записите за смрт од 21 земја, се доставуваат годишни потврди за живот, а од 2024 година, една од проверките е дигитален доказ за живот преку видео. За луѓето над 100-годишна возраст, овие документи се потребни еднаш годишно, дури и во земјите што, всушност, учествуваат во автоматизираното споредување на записите за смрт. За оние што нема да одговорат, плаќањето ќе биде суспендирано кон крајот на ноември и ќе биде трајно запрено најдоцна до април следната година, пишуваат германските медиуми.

Како и повеќето земји, и во Германија пензискиот систем се соочува со предизвици. Бројот на пензионери се зголемува, а бројот на вработени се намалува. На почетокот од 60-тите години на минатиот век, имало шест работници на еден пензионер. Денес, тој сооднос е 2:1 и е во опаѓање. Значителен дел од федералниот буџет оди за дополнување на германскиот пензиски систем. Минатата година беа префрлени 127 милијарди евра во пензискиот фонд, што е еднакво на една третина од сите владини расходи. Се очекува да се удвои оваа сума до 2050 година.

 

ИЗДВОЕНИ