недела, февруари 22, 2026
Дома КУЛТУРА Со свечено доделување на наградите, заврши 76-то издание на Берлинале: „Златната мечка“...

Со свечено доделување на наградите, заврши 76-то издание на Берлинале: „Златната мечка“ за најдобар филм ја освои „Жолти букви“

43
Фото: EPA/FABIAN SOMMER

„Златната мечка“ за најдобар филм на 76-от Меѓународен филмски фестивал во Берлин (Берлинале) му беше доделена на „Жолти букви“ од германскиот режисер Илкер Чатак.

Филмот е за турски филмски режисер и неговата сопруга актерка на кои одеднаш им е забрането да работат поради нивните политички ставови.

Снимен во Германија, филмот ја освои главната награда на крајот од церемонијата обележана со конфликтот на Блискиот Исток и политичката улога на филмот.
Сребрената мечка, за најдобра актерка, ѝ беше доделена на германската актерка Сандра Хилер за нејзината улога во „Роза“, црно-бела драма од австрискиот режисер Маркус Шлајнцер.

Оваа година, 22 филма се натпреваруваа за Златната мечка.

Филмскиот фестивалот официјално беше обележан со контроверзии околу Појасот Газа и политиката на киното.

Фестивалот беше повикан на 17 февруари да заземе став против Израел поради неговиот третман кон Палестинците, по објавувањето на отворено писмо потпишано од 80 актери и режисери, вклучувајќи ги Хавиер Бардем и Тилда Свинтон, пренесе „Бета“.

Писмото, од групата „Филмски работници за Палестина“, го осудува молчењето на Берлинскиот филмски фестивал за геноцидот врз Палестинците.

Потписниците велат дека се „згрозени од континуираните активности на фестивалот за цензура на уметниците кои се спротивставуваат на тековниот геноцид на Израел врз Палестинците во Газа, како и од клучната улога на германската држава во нејзината поддршка за Израел“.

Потписниците се идентификуваат како „поранешни и сегашни учесници на Берлинале“.

Контроверзноста произлегува од прес-конференцијата на жирито на отворањето на Берлинале на 12 февруари.

Кога беше прашан за ставот на фестивалот кон Израел и Појасот Газа, претседателот на жирито, германскиот режисер Вим Вендерс, рече дека филмот треба „да остане надвор од политиката, на која е антитеза“.

Шокирана од тој одговор, индиската писателка Арундати Рој следниот ден објави дека го откажува своето појавување на фестивалот.

Директорката на фестивалот, Триша Татл, се обиде да ја прекине контроверзноста, тврдејќи дека „уметниците можат да го остварат своето право на слобода на изразување, на кој било начин што сакаат“.

„Не треба да очекуваме од нив да коментираат за секое политичко прашање што ќе им се појави, освен ако самите не сакаат“, додаде таа.

ИЗДВОЕНИ