Највисокиот активен вулкан во Европа, Етна, почна да исфрла лава во спектакуларна, но не опасна ерупција.
Лавата е на нејзините горни страни и затоа не претставува закана за селата лоцирани во близина на вулканот, изјави денес вулканологот Борис Бенке.
„Околу полноќ на новогодишната ноќ, 1 јануари, сателитските термички сензори почнаа да мерат термички аномалии во близина на Етна, а наутро сателитските снимки покажаа нов проток на лава што се формира во горниот дел од Вале дел Бове, под гребенот Серакоцо“, рече Бенке во објава на „Фејсбук“.
Тој рече дека лавата од вулканот на Сицилија еруптира од отвор кој се наоѓа на надморска височина од околу 2.100 метри.
„Вака започна оваа тивка странична ерупција, предизвикувајќи навистина спектакуларен проток на лава, кој, гледан од долната источна падина на Етна, изгледа неверојатно ниско и блиску до селото“, рече Бенке.
Според него, почетокот на оваа ерупција не го виделе жителите ниту го снимиле камерите, бидејќи источната страна била обвиткана во густи облаци, пренесе „Танјуг“.












