Со швајцарскa помош македонските компании полесно до потребни работни вештини

29

Методологија за надградба на вештини на вработените ориентирана кон работното место, базирана на швајцарски искуства, изработи Стопанската комора, како мост помеѓу компаниите и како главен креатор на потребата од вештини и државните институции како генератор на податоци кои служат за понатамошно прогнозирање на потребите од вештини.

Методологијата е базирана на „Го модел“, развиен од Швајцарската федерација за образование на возрасните (СВЕБ), и се применува повеќе од 20 години во Швајцарија, но и во останати земји во Европа и во Африка.

Од Стопанската комора информираат дека станува збор за методологија која опфаќа скенирање на работните задачи кои се извршуваат на една работна позиција и нивно преточување во вештини и клучни компетенции за подобро разбирање на потребите на работното место, но и дефинирање на нови вештини кои ќе бидат побарувани во иднина за истото работно место.

– Оваа методологија има за цел да поттикне култура на учење и развој преку систематски пристап кој ги поврзува индивидуалните и организациските капацитети за градење релевантни вештини кои одговараат на современите трендови, технички и технолошки аспекти кои влијаат врз трансформацијата на едно работно место. Дополнително, моделот го олеснува идентификувањето на тековните и на идните потреби од вештини на работните места, што претставува јасен индикатор за креаторите на политики поврзани со намалувањето на јазот на пазарот на труд, појаснуваат од комората.

За претставување на методологијата е организирана работилница со претставници од менаџментот на компании, но и менаџери на човечки ресурси, а за подобро разбирање на процесите и на фазите, во соработка со две компании кои се вклучени во реализацијата на дуалното образование, беше реализирано и пилотирање на истите кај работодавците, за да се запознаат одблиску со начинот на имплементација преку работа на студии на случај на конкретни работни позиции во самите компании. Своите искуства од пилотирањето на Методологијата ги споделиле и претставници од секторите за развој на човечки ресурси од компании кои се водечки членки на Комората.

ИЗДВОЕНИ