„Ленче дедејче, дали ти јадеш нешто што вака изгледаш прилично ослабено, а феноменално“, прашуваат не само луѓето што ја познаваат популарната пејачка Ленче Кукиќ туку најчесто и нејзините огнени обожаватели.
Па, така според доверливи извори, а достапни за јавноста и за новинарите, Ленче ослабела околу 20 и повеќе килограми, притоа привлекувајќи ги машките очи да ја гледаат и да коментираат. Се разбира, за убаво.
Како тоа ѝ појде од рака на нашата Дедејче, како што нагалено ја ословува публиката. Таа има нови здрави навики: утрото го започнува со чаша обична вода, а појадува дури околу 10.30 часот. И тоа, не појадува што било. Само лесна храна, за да не го оптоварува желудникот уште наутро. Бурекот и сличните јадења се одамна заборавени. За ручек строго избегнува да меша различни видови храна. Ако, на пример, јаде компири не ги меша ни со што друго, а воопшто не со лебот или со месото што не ги сака. Сезонските салати полни со витамини се секогаш присутни за ручекот. Последниот оброк ѝ е некаде после 17.30 часот. Пред спиење никогаш не јаде. Нагласува дека тоа е убиствено за телото, за мислите, за енергијата.
Нејзината неверојатна физичка трансформација се забележува, што се вели, „од авион“. Таа честопати дома ги споредува фотографиите од некогаш кога имаше плус 20 килограми и сега кога тие килограми ги стопи. Со силна волја. Сега изгледа многу подобро од кога било. Секси, што е вистина, е вистина!
Со значително ослабена фигура, освежена и дискретно шминкана.
–И за да ослабиш треба да ја поседуваш љубовта. Таа е најважното нешто во нашиот живот, додека дишеме и се движиме. Насекаде да е присутна и во музиката, во семејството, во бракот, во комуникациите со соседите, со роднините, со публиката.
Ленче е во право.Таа долги години живее во хармоничен брак со пејачот Горан Кукиќ. Нивниот син, Иван Кукиќ, исто така тргна по нивните стапки. Успешно свири во „Триото на Влатко Стефановски“, а со тоа, ова популарно струмичко семејство знае кој им е најдобриот избор! (Д. М.)












