Со „Роња, ќерката на ограбувачот“, Театарот за деца и младинци на фестивал во Мостар

14

Театарот за деца и младинци – Скопје на 22 септември во 19:30 часот ќе ја изведе наградуваната куклената претстава „Роња, ќерката на ограбувачот“ во Куклениот театар во Мостар, Босна и Херцеговина, во рамките на петтиот Меѓународен фестивал на куклена уметност во Мостар (ФЛУМ 2025), што ќе трае до 26 септември.

Претставата е работена според истоимениот роман на Астрид Линдгрен – светски познатата шведска авторка на романот „Пипи Долгиот Чорап“. Станува збор за динамична куклена адаптација со изразен сценски ритам и музички сегменти. Во фокус на дејствието е храброто и независно девојче Роња, чие растење е проследено со многу пресвртници. Приказната ги води гледачите низ свет на ривалски банди, таинствени шуми и фантастични суштества, а во него две деца од различни кланови на ограбувачи започнуваат една сосема поинаква авантура, притоа истакнувајќи ја силата на пријателството и изборот на сопствен пат.

Режијата и драматизацијата се на Јакуб Максимов (Чешка), драматург е Горјан Милошевски, сценографијата, дизајнот на кукли и маски, како и костимографијата се на Олга Зјебињска (Полска), а музиката е на композиторот и корепетитор Лазар Новков (Србија). Улогите ги толкуваат Матеа Јанковска, Никола Наковски, Мики Анчевски, Катарина Илиевска Силјановска, Ангела Димитрова и Петар Стојанов.

Во натпреварувачката програма на фестивалот, што во организација на Куклениот театар во Мостар, се опфатени десет претстави од Бугарија, Унгарија, Чешка, Шпанија, Словачка, Хрватска/Кореја, Србија, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина. Фестивалот исто така нуди и богата придружна програма со перформанси, книжевни промоции и работилници за деца и театарски работници.

ИЗДВОЕНИ