Како наближува денот на кој обвинителството ќе го објави обвинението од кое ќе се прочита кој осомничен за што ќе одговара поради најголемата несреќа од поновата македонска историја, политичкиот наратив се разгорува, а јавноста се поларизира. Малото гратче на исток, кое пред три и пол месеци доживеа емоционално цунами, гласно плаче по изгубените деца и бара слух од државните чинители.
До крајот на неделата се очекува да биде објаснето обвинението за големата огнена стихија во кочанската дискотека „Пулс“, во која од чад се задушија 62 млади луѓе, а околу 200 останаа со повреди, најави на брифинг со новинарите државниот обвинител Љупчо Коцевски, до чија адреса деновиве стигнуваат засилени барања од семејствата за испорачување на правда за несреќата која се случи во 2025 година, а не години претходно. Коцевски вети дека на прес-конференција ќе биде соопштено за секој од осомничените за кое кривично дело одговара.
Последниот „Марш на ангелите“ што се одржа непосредно по посетата од најблиските на гробната алеја на починатите за празникот Задушница, не само што ја подели јавноста туку и го засили политичкиот наратив. Гласот со кој се бараше одговорност, како што одминуваше времето на истрагата и нејзината опфатност кон актуелните челни луѓе на институциите, стана повисок. „Ако ви е далеку Кочани и не нè слушате, следниот пат ќе дојдеме во Скопје“, рекоа мајките и татковците на загинатите во пожарот барајќи оставки од премиерот, министерот за полиција и претседателката. Нивното крешендо од барања, кое од молби премина во закани и гнев, наиде на поддршка, но и на одбивања во јавноста. Настанот, кој направи тектонски поместувања на мирното тло по кое газеше власта, ја разбуди и опозицијата. Партискиот наратив се разгорува, а јавноста се поларизира по последниот протестен марш на семејствата кои секоја сабота добиваат на масовност од локалното население.
Пред младата партиска турбина, премиерот Христијан Мицкоски рече дека протестите во малото гратче на исток од граѓанско здружение преминале во политичко движење, скриена агенда на партиски структури која има за цел да ја злоупотреби маката на ужалените родители. Премиерот, кој според објавите на владините социјални мрежи не бил во посета на Кочани од деновите на несреќата, ветува дека градот ќе биде приоритет и оти никој нема да биде заборавен.
„Понатаму, на владина седница ќе донесеме одлука со која одморалиштето Пониква, кое располага со 27 соби и 56 легла, ќе се пренамени во центар за рехабилитација, во кој медицински кадар ќе може да работи како на психофизичката состојба така и на давањето медицинска нега за брзо закрепнување на повредените граѓани. Ова е заедничка борба, ниту повредените ниту семејствата на починатите млади лица не се сами. Како Влада ќе направиме сè што е во наша надлежност да помогнеме и да се обидеме да ја намалиме болката“, објавија вчера од владиниот ПР, откако политичкиот опонент, Венко Филипче, од Кочани им порача на властите дека се неспособни да се справат со последиците од трагедијата.
„Што направи власта? Прво – не испорача правда. Понатаму – не испорачува здравствена услуга. Луѓето имаат реален проблем, а тие им го нудат центарот ‘Пониква’ за некаква рехабилитација. Во ‘Пониква’ не можеш ни на одмор да одиш, а не, пак, да третираш толку сериозни медицински состојби“, кажа Филипче на трибина со партиското членство и граѓани.
Но, партиските кампањи за тоа колку се или не се направило за ублажување на положбата во која се наоѓаат семејствата тешко дека ќе ја испере пепелта од убиствениот пожар. 62 семејства чувствуваат должност кон своите загубени деца – дека системот ќе плати за нивната прерана смрт. (П.А.)