Со прогласување на Јабланица во национален парк, Вевчани ќе има големи придобивки во развојот на туризмот

47

Општината Вевчани активно работи на развивање на туризмот, со цел Вевчани да стане поатрактивна туристичка  дестинација. Градоначалникот, Спасе Кочовски, истакна дека тоа е еден од неговите приоритети.

– Интересно е Вевчани. Убаво е и во летниот и во зимскиот период. Но потребна ни е инфраструктура за зимски туризам. За жал, засега сме на нула со тоа, но работиме и во таа насока – посочи Кочовски.

Тој нагласи дека Вевчани ќе има големи придобивки во развојот на туризмот со прогласување на планината Јабланица во национален парк, процес кој е во тек.

– Прогласувањето на планината Јабланица како Национален парк е процес што го води Министерството за животна средина и просторно планирање, но моја лична желба е заштитеното подрачје Вевчански Извори да си остане под Општина Вевчани, а останатиот дел од Јабланица да стане Национален парк – рече градоначалникот.

Посочи дека во наредниот период Општината ќе работи и на реновирање на киносалата, како и на изградба на мултифункционално игралиште.

Друг приоритет на Кочовски е целосна реконструкција и модернизација на улиците во Вевчани. Истакна дека во изминатиот период се реконструирани четирите главни улици во должина од два километра.

– Ги реконструиравме четирите главни улици во должина од два километри. Целосно се променети канализациската и водоводната мрежа, а поставени се и подземни кабли за пренос на електричната енергија, просторот е уреден со канделабриско осветлување – објасни Кочовски.

 

ИЗДВОЕНИ