Здружението на граѓани „Од станица до граница“ од Гевгелија, изминатите 14 месеци го реализираше проектот „Моја приказна  мој – медиум“. Почнувајќи од создавањето на различни медиумски содржини, какви што се вест, осврт, извештај, колумна, есеј и слично, па сè до она што е уште поважно, секој од учениците критички да ја восприми која било медиумска содржина со која секојдневно се среќава на радиото, телевизијата, весниците, интернетот и на социјалните мрежи, и како да ја разликува вистинската од лажната вест. За целите, активностите и ефектите од овој проект, за ВЕЧЕР разговараме со Даниела Џишева, професорка во СОУ „Јосиф Јосифовски“ и членка на Здружение на граѓани „Од станица до граница“ од Гевгелија

Во денешно време постојано сме опкружени со информации – дел од нив се точни, но многу се лажни, манипулативни или пристрасни. Без медиумска писменост, луѓето лесно можат да бидат заведени, погрешно информирани или да шират невистини преку сензационалистички наслови, преку лажни вести и преку фотографии направени од вештачката интелигенција. Затоа, секојдневно треба да се развива способноста на учениците да станат паметни корисници на медиумските содржини, да ја развиваат способноста за критичко размислување и да ги

Токму поради ова, Здружението на граѓани „Од станица до граница“ од Гевгелија изминатите 14 месеци го реализираше проектот „Моја приказна – мој медиум“. Почнувајќи од создавањето на различни медиумски содржини, какви што се вест, осврт, извештај, колумна, есеј и слично, па сè до она што е уште поважно, секој од учениците критички да ја восприми која било медиумска содржина со која секојдневно се среќава на радиото, телевизијата, весниците, интернетот и социјалните мрежи и како да ја разликува вистинската од лажната вест. За целите, активностите и ефектите од овој проект, за ВЕЧЕР разговараме со Даниела Џишева, професорка во СОУ „Јосиф Јосифовски“ и членка на Здружение на граѓани „Од станица до граница“ од Гевгелија.

Најнапред, кажете ни која беше целта на овој ваш проект?

Здружението „Од станица до граница“ од Гевгелија изминатите 14 месеци го реализираше проектот „Моја приказна – мој медиум“ за унапредување на медиумската  писменост кај учениците од основно и од средно образование од руралните средини во Општина Гевгелија. Во проектот беа вклучени 80 ученици од шесто до деветто одделение од основните училишта „Ристо Шуклев од Негорци, „Климент Охридски“ од Миравци, „Кирил и Методиј“ од Стојаково и „Кочо Рацин“ од Нов Дојран , како и 20 ученици од прва до трета година од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија. Проектот беше насочен кон создавање информативни содржини од руралните средини. Со ова, учесниците учеа како се создава новинарски текст, видеоприлог и како се  пласираат во јавноста. Со тоа тие навлегуваа во медиумско описменување, подобро можеа да ја разберат улогата на медиумите, професионалните стандарди во новинарството, како и етичките стандарди. Се работи за еден благороден проект, со цел кај учениците да се развие способноста да ги пронаоѓаат, разбираат, анализираат, оценуваат и да создаваат медиумски содржини на еден критички начин. Со овој проект сакавме да создадеме медиумски писмени ученици кои ќе создаваат различни медиумски содржини, но во исто време ќе може да ги препознаат и да го спречат ширењето на лажните вести.

Низ какви форми се реализираше овој проект?

Беа одржани 12 новинарски работилници. На овие работилници учениците имаа  можност да ги откријат основите на новинарството, да научат како да истражуваат и како да креираат новинарски приказни и начинот како се создава еден новинарски текст (наслов, вовед, тело на текстот, заклучок). Се создадоа 22 новинарски статии, информации и интервјуа. Организиравме и работилници за видеопродукција, на кои учениците се запознаваа со основните алатки за снимање, односно создавање новинарски видеоприлог, а имаа и работилница за монтирање на снимениот материјал, со професионален видеомонтажер, односно комплетирање заради објава на истиот на веб-страницата на проектот. Направивме шест едукативни „мемиња“ за родителите и две видеа со насоки за потребата од медиумската писменост и препознавањето на лажните вести. Филмските работилници ги водеше познатата македонска режисерка, Марија Џиџева. Исто така, со проектот беа формирани и четири мини редакции во основните училишта во Негорци, Миравци, Стојаково и Нов Дојран. Новинарските редакции имаа отворено свои страници на социјалните мрежи со свои имиња и лого на редакциите.

На крајот, да ја споменам и форум-театарската претстава ,,Лажни вести – грешки  чести”, на театарската група „Дон Кихот“, која ја обработува актуелната тема на секојдневните грешки при употребата на дигиталните технологии – препознавање и реагирање во ситуации на пласирање лажни вести, креирање лажни профили и јавно говорење за личните предизвици.

Како помина завршниот настан од овој проект?

Во присуство на претставниците од Македонскиот институт за медиуми, ученици, наставници, родители и гости, на завршниот настан своето новинарско искуство најнапред го пренесе дописникот на весникот ВЕЧЕР од Гевгелија, Љубчо Алексовски. Тој на присутните им ја раскажа својата медиумска приказна, која трае веќе четири децении, проблемите со кои се среќавал во својата новинарска кариера, како и за опасностите што ги носи вештачката интелигенција. По неговото обраќање, театарската група „Дон Кихот“ ја прикажа претставата ,,Лажни вести – грешки чести” која ја обработува актуелната тема – лажните вести.

Бидејќи вие сте режисерката на оваа претстава, за што станува збор во неа?

Претставата ,,Лажни вести – грешки чести” обработува актуелна тема – лажните вести како една од најсериозните закани на современото  општество. Публиката имаше можност да ги согледа последиците од создавањето и ширењето неточни информации, како и од можноста од злоупотреба на податоци за создавање лажен идентитет и измама. Поуката е дека заштитата од лажни вести бара критичко размислување, проверка на извори и медиумска писменост на граѓаните. На крајот за проектот „Моја приказна – мој медиум“ да напоменеме дека тој се реализираше преку Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за поттикнување на медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалог“ се спроведува од страна на партнерските организации: СЕЕНПМ, Медиацентар од Сараево, Албанскиот медиумски институт, Црногорскиот медиумски институт, Советот за етика во медиумите на Косово, Македонскиот институт за медиуми, Новосадската школа за новинарство, Мировниот институт од Љубљана.

Љубчо Алексовски

ИЗДВОЕНИ