Преку реализација на активностите од проектот европска престолнина на културата, ќе го трансформираме Скопје во еден урбан град и ќе му го вратиме идентитетот, изјави за МИА министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој денеска во Брисел заедно со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски имаше средба со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт Глен Микалeф, посветена на титулата „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година“.
– Процесот околу „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ две години беше закочен во лавиринтите на Град Скопје и јас по стапувањето на функцијата министер за култура и туризам презедов голем дел од работите. Се формира главното тело од 13 луѓе, што направи значаен исчекор и главната задача беше да ја увериме Европската комисија дека всушност сега и со новиот градоначалник сме силно посветени на тој процес – рече Љутков.
Тој додаде дека за проектот се обезбедени средства и од Владата и од Градот Скопје и се е подготвено процесот да продолжи во наредните две години.
-Во наредниот период ќе мора многу брзо да работиме за да ги исполниме сите ветувања што сме ги дале. Силно верувам дека ќе ни се врати поддршката и ќе ги информираме (во ЕК) за сите процеси што ни се случуваат. Се надевам дека во 2028 година Скопје ќе си го врати идентитетот што го имал во минатото – додаде Љутков.
Скопскиот градоначалник Ѓорѓиевски изјави дека на средбата со Микалеф го информирале за моменталната состојба, предизвиците и сите понатамошни чекори на кои ќе се работи за унапредување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 година“.
– Сакам да ја информирам македонската јавност дека проектот, за жал, досега беше целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, особено во делот на програмата содржана во апилкациската книга. Наместо да се следат транспарентни и инклузивни процеси, проектот беше воден без консултации со релевантните институции, без усогласување со националните културни политики и без суштинско вклучување на културниот сегмент – изјави Ѓорѓиевски за МИА.
Тој истакна дека по денешната средба со Микалеф и воспоставената институционална координација, процесите поврзани со проектот се целосно деблокирани и вратени во законски и професионални рамки.
– Градот Скопје останува цврсто посветен на реализацијата на проектот и ќе ги обезбеди сите предвидени средства од 20 милиони евра во периодот од наредните четири години. Проектот претставува одлична можност за темелна трансформација на нашиот главен град Скопје преку развој на културна инфраструктура, зајакнување на заедништвото, поддршка на иновации и, пред се, промовирање на европски вредности – додаде скопскиот градоначалник.
Ѓорѓиевски истакна дека проектот ќе се спроведува со целосна транспарентност, отчетност и активно учество на сите релевантни чинители на национално, но и на меѓународно ниво.
– „Скопје – Европска престолнина на културата“ е визија за отворен, модерен и динамичен град, кој што ја вклучува заедницата, ги охрабрува младите, ги поддржува уметниците и создава простор за силна културна размена и соработка. Нашата престолнина ќе биде достоинствен претставник на Македонија на европската културна сцена – потенцира Ѓорѓиевски.
Инаку, претходно денеска тимови на Министерството за култура и туризам и на Град Скопје имаа средба на техничко ниво во Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура (ДГ EAЦ) при Европската комисија, на која од страна на претставниците на ЕУ била изразена силна поддршка за задржување на титулата „Европска престолнина на културата“ и било порачано дека на овој проект треба многу повеќе да се работи во следниот период.












