Со прекројувањето на државната каса, повеќе пари за патишта, автобуси, болници, градинки…

25

Во Комисијата за финансирање и буџет продолжи расправата за амандманите на предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2025 година. За ребалансот на буџетот се доставени 200 амандмани, од кои 160 од СДСМ. Претходниот ден беа разгледани, но не добија поддршка, неколку амандмани поднесени од опозициските пратеници, меѓу кои и амандманот од пратениците од СДСМ за одредување буџетски средства за повредените во пожарот во Кочани, за кој заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, оцени дека е само за добивање политички поени.

– Ребалансот на буџетот е јасен пример дека работиме на реални и применливи мерки. Не делиме ветувања, туку распределба на пари за патишта, железници, автобуси, болници, градинки и училишта – соопшти пратеникот Сергеј Попов од ВМРО-ДПМНЕ.

Буџетското прекројување за годинава бележи зголемување од 300 милиони денари директна поддршка за инфраструктурни проекти, кои ќе создадат работни места и ќе ги подобрат условите за живеење.

– Предвидени се 307 милиони денари за 120 нови автобуси. Овие пари не се само за главниот град. Секој поголем град ќе добие модерни возила приспособени за учениците, пензионерите и за лицата со попреченост, сè со цел јавниот превоз да стане право, а не привилегија. Распределени се дополнителни 307 милиони денари за локални и за регионални патишта. Селата што со децении чекале асфалт и достоен пат, конечно ќе бидат поврзани. За модернизација на пругите и на железничкиот систем, ребалансот предвидува нови 106 милиони денари. Пари за безбедни, еколошки и ефикасни железници. Стратешка инвестиција во транспортот, а со тоа и во економскиот развој на долг рок – изјави Попов.

Меѓу приоритетите на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се локалниот развој и образованието. Во образованието сериозно се инвестира од сите аспекти, за училишта, факултети и за студентски домови се предвидени 1,79 милијарди денари. Додека, пак, за општините ќе се одвојат 1,3 милијарди денари. Чекор напред кон решавање дури и на секојдневните предизвици на граѓаните, а со цел создавање локални заедници што се привлечно место за живеење.

Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП. Капиталните расходи, пак, на износ од 47,5 милијарди денари. Државниот долг на крајот од 2025 година, според проекциите на Владата, ќе изнесува 53,3 проценти од БДП, а јавниот долг се очекува да биде на ниво од 62,1 процент.

 

ИЗДВОЕНИ