Со предавање на Џефри Сакс, заврши 16-тата Школа за млади лидери на претседателот Иванов

35

Со обраќањето на универзитетскиот професор и економист Џефри Сакс, заврши 16-тата Школа за млади лидери на Претседателот Иванов. Во онлајн сесијата тој ги истакна значењето на младинското лидерство, глобалната соработка и одржливиот развој како клучни насоки за идните генерации. Учесниците имаа можност директно да разменат мислења и да постават прашања, со што беше заокружен последниот ден од програмата.

-На овогодинешната школа учествуваа млади лидери од Македонија, како и од Австрија, Азербејџан, Кина, Египет, Гана, Јордан, Кенија, Пакистан, Руанда, Турција и САД, со што уште еднаш се потврди меѓународниот карактер на програмата. Школата беше реализирана преку повеќедневни тематски блокови, предавања, работилници, интерактивни дискусии, менторски сесии и работа на проекти, во рамки на кои учесниците имаа можност да се следат предавања од повеќе од дваесетина предавачи и говорници од земјата и странство, информираа од Кабинетот на поранешниот Претседател на Република Македонија (2009-2019), д-р Ѓорѓе Иванов.

На оваа школа учество како предавачи и говорници земаа истакнати професори, експерти и лидери, меѓу кои и поранешната претседателка на Унгарија Каталин Новак, универзитетскиот професор и економист Jeffrey Sachs, Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, Претседателот на Freedom House Герардо Бертин, Фелипе Паулиер помошник Генерален секретар на Обединетите нации за младински прашања, Рита Колумбија постојана координаторка на Обединетите нации, Митрополитот дебарско-кичевски Владиката г. Георгиј, Генерал потполковник (пен.) Мајкл Дуби, д-р Рашела Мизрахи, проф. д-р Ѓорѓија Петкоски, проф. д-р Роберт Стеркен, Филип Нелковски, Лазар Поп Иванов, Петар Ниновски, проф. д-р Разаман Акташ, Анастасија Илиевска, Зоран Костовски, Ранко Безар, Јакуб Популар, д-р Александар Митов, м-р Ивана Хаџиванова и членовите на Алумни асоцијацијата на школата, учесници во претходните програми – Ѓорге Божинов, Панче Коцев, Нина Ачераоу, Хепи Гилберт Манго, Илина Пејоска-Затуроски и Даниел Ѓоќески.

-Новитет во овогодинешната програма на школата беше менторската програма, иницирана и предводена од првиот Претседател на ИСЛАА, Даниел Ѓоќески, која беше подготвувана повеќе од шест месеци и беше реализирана во последните месец дена. Поврзувањето на првите генерации алумнисти на школата со новите учесници беше високо оценета од самите учесници, што претставува поттик за организација на овој сегмент во програмата и за следните изданија на школата. Оваа година во улога на ментори беа алумнистите и предавачи на школата Даниел Ѓоќески, Владимир Арсов, Весна Поповска, Јулија Витанова, Илија Вучков, Никола Николовски, Катерина Вељановска Блажевска, Вероника Томова, Весна Трајковска и Горан Шибаковски, велат од Кабинетот на претседателот Иванов.

Реализацијата на Школата е поддржана од бројни компании од земјата и од странство. Школата за млади лидери е иницијатива започната во 2010 година и претставува една од најпрепознатливите платформи за развој на млади лидери во регионот, и која, во 2018 година, беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа од Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

16-тата Школа за млади лидери на Претседателот Иванов посветена на темата „Младинска агенда за одржлив свет“, како дел од пошироките глобални напори за унапредување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации, се одржа од 3-16 ноември 2025 година.

Школата за млади лидери претставува уникатна платформа за талентирани и ангажирани млади луѓе од различни средини. Учесниците, внимателно селектирани според нивните академски достигнувања, лидерски потенцијал и општествен ангажман, се идентификувани како идни лидери кои ќе придонесат во изградбата на мирна, праведна и просперитетна иднина. Досега програмата на школата ја поминале 625 млади луѓе од земјата и странство, а над 420 реномирани предавачи и говорници од Македонија, Европа и светот го споделиле своето знаење со учесниците.

ИЗДВОЕНИ