Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на инвеститориски појадок потенцира дека Владата создава предвидливо, стабилно и транспарентно опркужување за развој на приватниот сектор и градење доверба на граѓаните во институциите, со цел раст на економијата која последнава една година од над 3%, а тој тренд на раст, се очекува да продолжи и до крајот на 2025 година да изнесува 3,5%, а следната година да достигне 3,8%.
Гувернерот д-р Трајко Славески, пак, на друг настан ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025 ‒ 2028 година. Тој пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции нагласи дека домашната економија укажува на отпорност и солиден економски раст, надолно приспособување на инфлацијата и претежно стабилна платнобилансна позиција, којашто обезбедува адекватно ниво на девизни резерви
Македонската економија за последнава една година бележи раст од над 3%, а тој тренд на раст, според министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска се очекува да продолжи и до крајот на 2025 година да изнесува 3,5%, а следната година да достигне 3,8%. Ова, според неа, се должи на бруто инвестициите како главен двигател, но значаен придонес има и кредитната поддршка за инвестициите, која во септември забележа раст од 16,5% во корпоративниот сектор, како и кредитната линија на Владата за финансирање на инвестиции на приватните компании.
– И покрај предизвиците што ги носи глобалното економско окружување домашната економија расте говори за стабилизација на економската активност, отпорност на економијата и ефективност на политиките. Светската економија се наоѓа во период на прилагодување на новите монетарни политики, геополитички предизвици и брзи дигитални иновации. Во такви услови, како креатори на политики на национално ниво, внимателно ги следиме и анализираме глобалните текови и врз основа на тие сознанија носиме соодветни мерки. Нашата цел е да создадеме поволно бизнис-окружување и нови можности за економски раст – истакна Димитриеска-Кочоска во обраќањето на Ерсте инвеститорискиот појадок.
Таа пред присутните посочи дека Министерството за финансии континуирано работи на реформи во јавните финансии, поттикнување инвестиции и развој на нови финансиски инструменти што ќе ја поддржат иновацијата и конкурентноста.
– Во таа насока, во изминатиот период во Министерството за финансии интензивно се работеше на анализа на финансискиот пазар и трендовите во регионот и Европа во насока на диверзификација на понудата на финансиски инструмени за инвестирање, како и нивно модернизирање и поедноставување. Нашата цел е да се допре до сите интересни групи и да се излезе во пресрет на интересот на граѓаните – потенцира министерката за финансии.
НБ: Економијата расте, инфлацијата се намалува
Гувернерот д-р Трајко Славески на друг настан ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка за периодот 2025 ‒ 2028 година. Тој пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции нагласи дека домашната економија укажува на отпорност и солиден економски раст, надолно приспособување на инфлацијата и претежно стабилна платнобилансна позиција, којашто обезбедува адекватно ниво на девизни резерви.
Во презентацијата беше наведено дека инфлацијата за целата 2025 година се очекува да изнесува 3,9%, во просек, а во понатамошниот период на проекциите ќе следи патека на надолно приспособување и враќање кон историскиот просек, односно ќе се сведе на 2,5% во 2026 година и 2,0% на среден рок.
– Постепеното стабилизирање на инфлацијата на среден рок би произлегло од закотвените инфлациски очекувања и ограничените притисоци од домашната побарувачка и увозните цени. Во рамките на есенскиот циклус проекции, согласно подоброто остварување во првата половина на годината, се предвидува забрзување на растот на економијата од 3,5% во 2025 година и на 4% на среден рок, при непроменети оцени за фундаменталните фактори од кои зависи растот. Во услови на јавен инфраструктурен циклус и подобрување на надворешните услови, се очекува дека инвестициите ќе бидат главниот фактор за растот, којшто ќе биде дополнително поддржан од домашната потрошувачка и извозната активност. Економијата ќе биде поддржана и од кредитната активност, чијшто просечен раст би се движел над 7% на среден рок, поддржан од натамошното проширување на депозитната база, при стабилен банкарски систем – беше потенцирано на презентацијата.
Очекувањата на Народната банка за надворешната позиција на економијата укажуваат на дефицит на тековната сметка од 4,2% од БДП во 2025 година, што претставува одредено продлабочување во споредба со претходната година. На среден рок, за периодот 2026 ‒ 2028 година, се предвидува постепено стеснување на дефицитот и негово сведување на 2,6% од БДП во 2028 година.
– Се очекува дека финансиските текови, главно во форма на странски директни инвестиции и долгорочно задолжување на државата во странство, ќе бидат солидни во текот на периодот на проекциите, обезбедувајќи целосно финансирање на дефицитот и раст на девизните резерви. Светските услови и натаму се неизвесни и непредвидливи, што создава ризици за економскиот раст, инфлацијата и екстерната позиција, нагласувајќи ја потребата од водење претпазливи домашни макроекономски политики, а пред сѐ политики коишто влијаат врз домашната побарувачка – велат од Народната банка.
Гувернерот Славески истакна дека доколку продолжат позитивните движења со намалување на стапката на инфлација и во наредните месеци, и во отсуство на административни интервенции во утврдувањето на платите, Народната банка е подготвена соодветно да реагира во насока на натамошно нормализирање на монетарната политика.
Утре ќе се исплати втората Граѓанска обврзница, се подготвува проспект за нова
Министерството за финансии утре ќе ја исплати главницата и каматата за втората година од издадената втора Граѓанска обврзница. Средствата во износ од 17,6 милиони евра и камата во износ од 880 илјади евра ќе бидат исплатени на сметките на граѓаните кои запишаа обврзници од втората Граѓанска обврзница.
Втората граѓанска обврзница, Министерството за финансии ја издаде на 7 ноември 2023 година со рок на достасување од 2 години и каматна стапка од 5% годишно. Каматата од оваа граѓанска обврзница за првата година беше исплатена минатата година во ноември при што беше исплатен износ од 54.274.000 денари или 880 илјади евра.
Граѓанската обврзница како нов инструмент беше воведен во 2023 година, со цел да се збогати понудата на нови инструменти за финансирање на финансискиот пазар, како и проширување на изворите на финансисрање на економските политики.
Досега се издадени 2 емисии во вкупен износ од 41,1 милион евра. Во првата емисија беа запишани обврзници во износ од 23,5 милиони евра, додека во втората 17,6 милиони евра. Министерството за финансии ќе продолжи со објава на нови емисии на граѓански обврзници. Проспектот за новата емисија се подготвува и се очекува да биде објавен до крајот на годината.
– Имајќи го предвид интересот на граѓаните за државните хартии од вредност, во Министерството се подготвува нова емисија на Граѓанска обврзница, која ќе биде наменета за граѓаните што сакаат да инвестираат безбедно и директно. Со тоа го збогатуваме портфолиото на достапни инструменти и овозможуваме современ, едноставен, ефикасен и транспарентен систем за инвестирање – вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
(С.Бл.)












