Јавното претпријатие „Водовод“ – Битола во 2026 година ќе работи на повеќе од 14 проекти во вредност од приближно 65 милиони денари.
Директорот Андреј Гинов вели дека ова јавно претпријатие ја завршило 2024 година со загуба од 61 милион денари.
– Вкупните приходи за 2024 година се 284 милиони денари, а вкупните расходи се 346 милиони денари, што продуцира загуба од околу 61 милион денари. Ако се земат предвид само неколку ставки на расходите и на приходите, ќе се види јасно зошто е тоа така. Вкупниот приход од наплатата на вода од правни и од физички лица е 262 милиони денари, а од останатата реализација околу 22 милиони денари, додека расходите по само три основи, и тоа електрична енергија 43 милиони денари, сирова вода кон хидросистемот „Стрежево“, поради сушното лето во 2024 година, е 50 милиони денари и трошоците за плати за вработените изнесуваат 148 милиони денари, што дава вкупен расход кога се додава и ДДВ по овие три ставки е 280 милиони денари. Ова покажува дека целокупниот приход при висока наплата на сметките од околу 95 % е близу вкупниот расход за овие три ставки – објасни Гинов.
Тој направи споредба и со претходните години.
– Во 2021 година, во претпријатието имаше вкупно 227 вработени, а трошокот за плати изнесуваше 107 милиони денари, за разлика од 2024 година со вкупно 205 вработен, а тоа е 22 вработени помалку изнесуваше 148 милиони денари, што е за 41 милион денари повеќе при значително помал број вработени. Во 2025 година имаме уште едно покачување на платите согласно со зголемувањето на минималната плата во државата, за истите овие 205 вработени платата изнесува 158 милиони денари или 10 милиони повеќе во споредба со претходната 2024 година или во споредба со платата од 2019 до 2025 година. Бруто-платата се зголемила за 62 милиони денари – вели Гинов.
Според него, загубата најмногу се должи на високата цена на електричната енергија и на исплатата на сирова вода кон хидросистемот „Стрежево“.
– Во минатото, ЈП „Водовод“ работело само на поправки на дефекти, но немало толку високи сметки за електрична енергија, за испумпување вода од хидросистемот „Стрежево“ и за други репроматеријали, кои се поскапени и за над 100 %. Поради тоа, „Водовод“, во соработка со Општината, во 2025 година направи повеќе од седум километри нова водоводна мрежа во вредност од 40 милиони денари, а во 2026 година ќе работи на повеќе од 14 проекти во вредност од некаде 65 милиони денари. Сево ова го правиме за дополнителен приход и за нормално функционирање на претпријатието, и со тоа да ја намалуваме загубата – истакнува Гинов.
Исто така, информира дека е изготвен проект за фотоволтаици, за кој е потпишан договор. Ќе бидат поставени фотоволтаици на сите објекти во стопанскиот двор и со тоа ќе се намалат трошоците за електрична енергија.
– „Водовод“ изработи проект за нов потисен цевковод со кој во летниот период ќе може да испумпува повеќе вода од хидросистемот „Стрежево“ и ќе биде регулиран притисокот на вода во летниот период, на одредени места, со што ќе бидат намалени загубите на вода, а водоснабдувањето ќе се одвива непречено. Ќе се замени стариот цевковод од Ф700 со нов Ф800, кој ќе може да се испумпува повеќе вода и водоснабдувањето во градот во наредните 50 години ќе се одвива непречено – објасни Гинов.












