Црвен крст на град Скопје, во периодот од 17 до 23 ноември, ја одбележува Неделата на грижа за старите лица.
Во рамките на оваа недела ќе се спроведуваат повеќе хуманитарни, едукативни и рекреативни активности, меѓу кои: информативни пунктови со мерење на крвен притисок и гликемија во крвта на три локации во Скопје – автобуска постојка Зелен пазар, пазар Буњаковец и плоштад Сарај, хуманитарен есенски базар во Веро Центар, посета на Бригадата за противпожарна заштита на град Скопје – Автокоманда, хуманитарна изложба во Домот на културата „Кочо Рацин, предавања во дневните центри за правата од социјална заштита кај старите лица, екс-ју забава со корисниците од дневните центри, донација на суплементи за лицата кои се опфатени со услугата помош во домашни услови, натпреварувачки и забавни игри во дневните центри, како и посета на изложбата „Мементо“, составена од лични предмети и приказни на комшиите, организирана од здружението „КомшиLOOK“.
Активностите се реализираат преку социјалната услуга „Центар за дневен престој за стари лица за активно стареење“ и „Центар за давање помош во домашни услови“.
Целта на социјалната услуга е развивање на вонинституционални форми на грижа за старите лица и промовирање на активното стареење. Преку програмата, месечно се опфаќаат преку 1.500 лица, корисници на дневните центри за стари лица.
Овој сервис е поддржан од Град Скопје, Министерство за социјална политика, демографија и млади и фондација „Албиз“.












