Со пет милијарди британски фунти ќе се градат брзите пруги, болниците, студентски домови…

Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји ќе се потпише во кабинетот, кој што Винстон Черчил го користел во Втората светска војна. Новото стратешко партнерство ќе донесе раст на Бруто-домашниот производ на државата, а не на јавниот долг. Не станува збор за позајмување пари за тековни трошења или социјални трансфери, туку за капитални инвестиции со огромно значење за граѓаните, со најповолни услови на пазарот – најави македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

602
МАКЕДОНИЈА И ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО НЕДЕЛАВА ПОТПИШУВААТ ИСТОРИСКИ ДОГОВОР

 

Инвестициски циклус од околу шест милијарди евра, соработката во инфраструктурата, одбраната, здравството, енергетиката, трговијата, борбата против организираниот криминал… ќе бидат само дел од придобивките за Македонија со договорот за стратешко партерство со Обединетото Кралство што ќе биде потпишан во текот на неделава во британската престолнина Лондон. Премиерот Христијан Мицкоски вчера најави дека договорот ќе претставува силен импулс за македонската економија, при што ќе се засили соработката и во образованието, дигиталната трансформација, иновациите, а ќе ги поврзува и младите од двете држави. Според него, со овој документ се испраќа силна порака дека интересите на граѓаните се најважни.

-Зошто договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е важен за македонските граѓани? Тој ќе биде основата и фундаментот на еден инвестициски циклус кој што ќе има вкупна рамка од 5 милијарди фунти, односно 6 милијарди евра. Новото стратешко партнерство ќе донесе раст на Бруто-домашниот производ на државата, а не на јавниот долг. Не станува збор за позајмување пари за тековни трошења или социјални трансфери, туку за капитални инвестиции со огромно значење за граѓаните, со најповолни услови на пазарот – најави македонскиот премиер.

На заедничката прес-конференција со британскиот амбасадор во Македонија Метју Лосон тој рече дека нашите две држави ги поврзуваат заеднички вредности – слобода, демократија, владеење на правото, одлучност да се справиме со заканите врз мирот и стабилноста, длабока посветеност кон безбедна и просперитетна Европа. Мицкоски нагласи дека партнерството ќе придонесе за модернизација на нашите воружени сили и подлабока интеграција во НАТО стандардите и зголемуавње на безбедноста на границите. Тој е категоричен дека јавниот долг нема да се зголеми туку ќе се намали.

-Очекувам БДП побрзо да расте отколку долгот. Очекувам во крајна смисла ефектите да бидат со намалување на јавниот долг а не со зголемување бидејќи станува збор за капитални инвестиции не станува збор за трошења и социјални трансфери. Знаете во градежништвото парите најмалку три пати се вртат. Првата фактура би требало да стигне на почетокот од 2027 година. Ќе имаме грејс период кога ќе можеме да се развиваме и да го растеме БДП за да не дојдеме до ситуација да порасне јавниот долг и да не го следи растот на бруто домашниот производ – рече Мицкоски.

Потпис на договорот идната недела, во Лондон, ќе стави вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски. Потпишувањето, според Николоски, ќе се случи во кабинетот, кој што Винстон Черчил го користел во Втората светска војна и во што има симболика.

-После тој треба да биде ратификуван од страна на македонската Влада и македонското Собрание, како и од страна на британската влада, таму е поедноставна процедурата. После тоа, врз основа на овој договор да почнеме да ги конкретизираме и да ги пишуваме договорите за брзата пруга, за болниците и за финансиската компонента. Истите потоа да бидат презентирани пред Владата и пред Собранието, и еве да не е преамбициозно, но очекувам дека до крајот на летото, не подоцна од крајот на август, се ова да биде ефективно, да имаме мобилизација во месеците септември, октомври, и да ги видиме машини на терен доколку не’ послужи времето на крајот од октомври и почетокот на ноември – додаде вицепремиерот Николоски.

Тој објасни дека Македонија веќе има подготвено проекти за околу две милијарди фунти или 2,2 до 2,3 милијарди евра.

-Првиот проект е за брзата железница од Табановце до Гевгелија. Ќе се користи постојната рута, но ќе биде изградена целосно нова линија со два колосеци по едниот да транзитираат патничките возови со брзина над 160 километри, а вториот ќе биде карго колосек на кој ќе се движат само карго возови со брзина од 110 до 120 километри на час, истакна Николоски и посочи дека ќе чини од 1,7 до 1,9 милијарди евра. Во делот на здравството, веќе има согласност и за изградба на Клиничката болница во Штип, изградба на нов Медицински факултет и студентски дом со најмалку 200 легла за медицинскиот факултет. Четвртиот проект е целосна реконструкција на Клиничката болница во Тетово, а петтиот изградба на нова болница во Кичево – објасни Николоски.

Тој додаде дека во втората фаза ќе се размислува и за други реони -Охрид, Битола, Прилеп.

-Наша амбиција е и модерен клинички центар во Скопје. Отворени се можности и за други сектори. Со Договорот ќе се отвори можност за преку 70 проценти од домашните компании да учествуват во реализација на инфраструктурните проекти. Со ова очекувам македонското градежништво повторно да стане конкуретно – потенцира Николоски. (Б.Ѓ.)

Амбасадорот Лосон: Нема прифаќање мигранти!

Договорот за стратешкото партнерство не се однесува на прифаќање на мигранти од Велика Британија во Македонија. Ова на прес-конференцијата го објасни британскиот амабсадор Метју Лосон кој на тој начин ги демантираше тврдењата и шпекулациите во медиумите.

-Драго ми е што земјата се согласи на оваа соработка, но тоа се однесува на полициската соработка меѓу агенциите, и ова го правиме со повеќе европски земји. Не се работи за тоа, дека ќе се прифаќаат мигранти од Британија. Ова е широко партнертство, Има многу шпекулации во британските медиуми. Овој договор предвидува соработка во сузбивањето со мигрантските групи овде и во регионот, соработка на полициите, споделување на доверливи информации. Суштината на договорот е економијата – објасни амбасадорот додавајќи дека ќе се отвори и прашањето за визите.

Од друга страна, во дел од британските медиуми деновиве се објавуваа информации кои потоа беа пренесувани во некои македонските медиуми блиски до опозицијата за можноста мигрантите од Велика Британија да бидат префрлувани во Македонија. Овие британски медиуми пишуваа дека тамошната влада е во преговори со други земји за формирање прекуокеански „центри за враќање“ за неуспешни баратели на азил а меѓу нив се спомнуваат Македонија, Србија, Босна и Херцеговина како и други неевропски земји. Напоредно со ова, во делот од јавноста се појавија и критиките.

– Скок од една милијарда на Циле до шест на Мицко. Наводно ветени од земјата која стои зад превенирање на мировниот план и војната до последен Украинец (и промената на името, кај нас). Во соопштението не се спомнуваат никакви пари (впрочем Стармер има домашни проблеми во изобилие). Не умри магаре до зелена трева… – објави на својот Фејсбук профил универзитетската професорка Билјана Ванковска, поранешен претседателски кандидат.

 

ИЗДВОЕНИ